Високи 67% од затворениците во државава во периодот од 2019 до 2023 година биле работно ангажирани. Во некои казнено-поправни установи работната ангажираност е 100%, во некои 25%. Во казнено-поправните установи од затворен вид овој број е многу помал, додека затворениците во установите од отворен вид најмногу се ангажираат во земјоделство, сточарство, одржување зелени површини, магацини. Оние кои им е дозволено да работат надвор од установата најчесто се во јавните комунални претпријатија. Нема податоци за тоа дали е задржан работниот ангажман во постпеналниот систем.
Ова се дел од наодите во анализата „Работата како облик на третман во насока на остварување успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“ што денеска ја презентираше Александра Груевска Дракулевски, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа истакна дека овие податоци не се унифицирани, туку се изведени како средна бројка од она што го добиле од установите, додека како што рече нема податоци за задржување на работниот ангажман по излегување од затвор, а тоа е многу важно за ресоцијализација и реинтеграција на осудениците во општеството.
На денешниот настан „Предизвици во надминување на затворската пренатрупаност“ имаше неколку презентации на експерти во областа и судии кои упатија на примери за алтернативни мерки како општокорисна работа или условен отпуст со заштитен надзор кои може да се изрекуваат со цел да се намали пренатрупаноста во затворите.
„Еден затвореник во моментов ја чини државата над 10.000 евра на годишно ниво, а некаде и до 15 илјади евра во зависност за која казнено-поправна установа станува збор“ изјави пред почетокот на настанот, в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Во анализата Груевска Дракулевски наведува препораки за намалување бројот на затвореници до различни институции. До казнено-поправните установи се посочува да се обезбедат опрема и материјали што се неопходни за функционирање на работилниците во затворите, како и кадровско екипирање, до Агенцијата за вработување – да се укаже помош при вработување бидејќи процесот на ресоцијализација продолжува во постпеналниот период.
„Јавноста апсолутно не е сензибилизирана за ова нешто и можеби ќе биде политички минус доколку се дадат некои даночни олеснувања на фирми кои би вработувале поранешни затвореници, особено во држава каде што имаме висок процент на невработеност – мислам дека ќе биде многу непопуларно да се дава стимул за вработување на поранешни затвореници – меѓутоа ова е едно од решенијата што е позитивен пример во други држави. Бидејќи, апсолутно сите статистики покажуваат дека невработеност по издржана казна затвор е причината која води до тоа дека осуденикот ќе стори ново кривично дело и повторно ќе биде вратен. Така што, бенефитот ќе биде многу поголем доколку се дадат вакви стимулации, се вработат овие лица, ќе биде поголем бенефит за цела држава, бидејќи слушнавме колкави се износите коишто сите ние ги носиме на товар за да бидат затворениците во казнено поправните установи“, рече професорката Груевска Дракулевски.
По неа се обрати Билјана Коцевска, судијка во Основниот кривичен суд Скопје која се осврна на тоа дека затворските казни од 10 години може да се изречат на 7 години затвор и две или две ипол години условен отпуст со заштитен надзор со што ќе се даде поголема шанса за реинтеграција во општеството и казната ќе биде поефективна.
„Јас апсолутно сметам дека тука улогата на Управата за извршување на санкции е да ја продлабочи соработката со Агенцијата за вработување и да се дадат одредени поволности за правни лица кои ќе вработуваат бивши осуденици. Доколку тоа е 10 години, дајте му условен отпуст две – две ипол години, ако целта на казнувањето не се постигнала со седум години, со уште три сигурно нема. А, вака ќе може со пробациската канцеларија да му помогнеме да го воведеме и да може да се интегрира како корисен член на ова општество. И, затоа многу е битно да се промовира пробацијата како институт, да заживее“, рече судијката Коцевска.
Според неа, општокорисната работа како мерка се применува или многу малку или воопшто, а е добра алтернативна мерка за намалување на бројот на затвореници.
„Адвокатката на девојка која ѝ дадов општокорисна работа заради непочитување на здравстени прописи врз основа на индивидуална програма од пробациската канцеларија била упатена во Зоолошка градина. Девојката претходно била студентка на Правниот факултет и живее со самохрана мајка. Се покажала толку добро во Зоолошкаа градина, што ја примиле на работа и нејзинот коментар бил дека добила поголем мотив да го заврши факултето и да се вработи како правничка во Зоолошката градина“, рече Коцевска посочувајќи го примерот како позитивен и потврда дека со изрекување на општокорисната како алтернативна мерка се постигнува целта на казнувањето.
Пробациската служба во Македонија е формирана во 2015 годна на ниво на сектор во Управата за изршување санкции при Министерството за правда. Во 2017 е отворена првата канцеларија, а во 2018 година се отворени уште 10 други низ државата. Работата на пробациската служба е да го врши надзорот над извршување на општокорисната работа или куќниот затвор, како и да им нуди поддршка на осудениците подобро да се реинтегрираат и ресоцијализираат во средината.
Драгана Ничева, виш соработник во одделението за извршување пробациски работи на подрачјето на Основниот кривичен суд Скопје смета дека и покрај многуте обиди, сè уште е многу мал бројот на изречени алтернативни мерки.
„Токму поради оваа состојба и нашата служба се соочува со заминување на обучени пробациски службеници бидејќи последните пет години доаѓаат на работа, но не добиваат предмети, односно одредени судови воопшто не им даваат работа“, рече Ничева.
Единствениот суд кој најмногу изрекува, според пробациската службеничка е Основниот кривичен суд, каде во моментот има активни 700 пробациски службеници од кои 500 ги работи скопската пробациска канцеларија, остатокот низ Македонија се само 200 предмети. Според неа, потребна е поголема анализа за тоа зошто не се изрекуваат алтернативни мерки во другите градови.
На крајот на дискусијата, Радио МОФ постави прашање за тоа што се случува на ова поле со децата кои се во судир со законот. Но, бидејќи настанот беше фокусиран на полнолетните осуденици кажаа дека ќе го имаат предвид за понатамошна дискусија.
Радио МОФ претходно пишуваше за тоа дека во Македонија речиси и да не постои постпенален систем за малолетниците кои доаѓаат во судир со законот. Децата престапници се сместуваат во воспитно-поправни установи во кои законски можат да останат најмногу до 23 години. Ваквите установи се соочуваат со сериозни предизвици поради што децата не добиваат редовно образование. А, по напуштање, тие практично се оставени сами на себе.
Ангела Бошкоска