Објектите на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ треба да се вратат во сопственост на Државниот студентски дом (ДСД) за да започне најавената реконструкција, кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешното отворање на кампусот на Универзитетот Мајка Тереза – во Скопје.
„Очекувам државниот правобранител во наредниот период да ги заврши имотно-правните статуси во тие објекти за да можеме веднаш да го потпишеме договорот и да почне изградбата на тие студентски домови“, изјави министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека објектите или земјиштето на овие студентски домови 20 години се сопственост на државата и дека конечно се посветиле на решавање на нивниот статус.
Реконструкцијата е проект кој Министерството го реализира со Германската банка како економски оператор. Постапката за обезбедување финансии, како што објасни тој, е во завршна фаза. Сега, додаде Шаќири, се чека на решавање на правниот статус за да може да се потпише договорот и да започнат градежните работи.
Министерството за образование и наука со буџетот за 2023 година најави етапна реконструкција на девет државни студентски домови.
Според тоа, студентските згради треба да се претворат во современи и енергетски ефикасни во рок од 30 месеци, односно замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување.
Во првата фаза влегува реновирањето на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ и таа треба да заврши во рок од 18 месеци.
Инаку, „Кузман Јосифовски – Питу“ и оваа академска година останува со клуч на врата, а студенти може да се сместуваат во бараките и третата зграда на „Стив Наумов“.
Радио МОФ во јули ги посети студентските домови. Таму наидовме на запуштени дворови, испукани фасади и ѓубре.
Ангела Бошкоска