Неодамна во списанието „Природа“ (Nature) беше објавена досега најголемата изработена студија посветена на заштитените подрачја во природата и нивниот бенефит кон дивиот свет, пренесува „Мета“.
Станува збор за истражување во кое се испитувани 1500 различни заштитени предели во 68 држави низ светот. Во студија особено внимание им е посветено на мочуриштата и водните птици.
„За да се заштити дивиот свет и загрозените видови не е доволно само да се исцрта линија и да се каже дека местото е заштитено подрачје каде човечката рака не може повеќе да гради, потребен е поголем труд“, вели водечкиот истражувач на студијата, д-р Хана Вашоуп, од Центарот за екологија и конзервација на Универзитетот во Ексетер.
Д-р Хана и нејзините колеги, автори на истражувањето направиле споредба локациите пред да станат и откако се прогласиле за заштитени подрачја. Според резултатите до кои дошле откриле дека популацијата на дивиот свет сѐ уште е стабилна и се зголемува и речиси и да нема разлика кон подобрување во однос на незаштитените подрачја.
„Тоа е разочарувачки, но не и изненадувачки податок. Се чини како да е продукт на неповрзаноста на зборувањето на луѓето за заштитените подрачја и колку навистина тие придонесуваат за подобрување на состојбата на загрозените видови и дивиот свет. Треба да има правила и истите да се реставрираат“, нагласува д-р Хана.
Според податоците на Обединетите Нации, во моментов еден милион растенија и животни се соочуваат со закана за да преживеат. Следниот месец светските лидери во Кина ќе одлучуваат за агендата на глобалните напори за зачувување и заштита на површината на Земјата до 2030 година.
Иако повеќето земји се согласуваат со целта за заштита 30 отсто од површина на планетата, тоа не ја гарантира заштита на биодиверзитетот.
Авторите на новата студија потенцираат дека треба да се обрне повеќе внимание на квалитетот од колку на квантитетот.
„Опсесијата со постигнување на одредена цел како што е заштитата на 30 отсто од површината до 2030 година без фокус за подобрување на состојбата на веќе постоечките заштитени подрачја нема да претстави особени придобивки, односно со тоа ќе се постигне многу малку. Навистина се надевам дека на средбата следниот месец, лидерите ќе се фокусираат кон постигнување на ефект од постоечките заштитени подрачја наместо кон тоа колкава површина ќе се обележи како заштитен предел“, апелира д-р Хана и нејзиниот тим.