За Денот на млади, ученици со еко-акции го разубавија кругот на средното училиштето во село Житоше

Еко-акција за чистење ѓубре, засадување дрвца и фарбање на оградата од спортската сала во средното училиште „Рилиндја“ во село Житоше беа во фокусот на денешната акција за Денот на млади, дел од проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

На акцијата спроведена од Младинскиот образовен форум (МОФ) и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), учествуваа ученици од училиштата „Пере Тошев“ од село Десово, „Али Фетхи Окјар“ од село Дебреште и средното училиште „Рилиндја“ во Житоше, заедно со нивни наставници, родителите и вработени во комуналното претпријатие.

фото: Радио МОФ

Младата Ирена Божиновска од селото Десово вели дека дошле во Житоше за да запознаат нови пријатели, да бојат и да засадуваат дрвца, велејќи дека си поминале прекрасно. Ученикот Асад Ѓулак исто така од Десово посочува дека за организацијата на настанот имале состаноци на „Зум“ во времетраење од пет недели за да ја организираат ваквата активност.

фото: Радио МОФ

Директорот на „Рилиндја“, Ваљмир Шаќири објаснува дека во училиштето има 350 ученици од населените места како селата Житоше, Црнилиште, Норово и Алданци. Во него учат само Албанци, иако има и паралелка на македонски јазик, но како што посочува Шаќири, тие не се запишуваат.

„Може и да се подобрат (н.з. меѓуетничките односи) ако на пример се запишуваат во нашето училиште. Ако би имало евентуално и Македонци или Бошњаци, може позитивно да влијае“, вели тој.

Учеснициете на акцијата / фото: Радио МОФ

Градоначалникот на Општина Долнени, Џемил Ќамили вели дека ова е една од најдобрите акции спроведена во ова подрачје, посебно во секторот образование.

„Со вклучување на учениците, родителите и наставниците во образовниот процес успеваме да ги интегрираме младите од разните етнички заедници. Преку овој проект тие успеваат да се дружат, запознаваат и продолжат со нивната комуникација во иднина“, објаснува Ќамили.

фото: Радио МОФ

Покрај работата со проекти во однос на подобрување на меѓуетничката интеграција, тој објаснува дека се работи и на други начини, но потенцираше дека ваквите работи најдобро се спроведуваат преку вакви проекти од невладини организации, каде што се вклучени и меѓународни организации.

Општината, како што вели Ќамили има донесено и Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието, во чиј склоп е и оваа акција на МЦГО и МОФ.

фото: Радио МОФ

Исто така имаме донесено одлука за посебно финансирање за ваквите проекти, да имаме можност да ги финансираме, посебна ставка за ваквите проекти…“, вели тој, додавајќи дека со неа би се имплементирале слични вакви акции каде што ќе бидат вклучени учениците.

Меѓународниот ден на младите се одбележува секоја година на 12 август, од 2000 година. Целта на овој ден е да се сврти вниманието кон одреден сет културни и правна прашања поврзани со младите луѓе.

М.К.