За десетина години дивите депонии ќе бидат случајност: Нацрт-стратегијата за отпад со амбициозни планови

Нестандардните и нелегалните депонии, еден од најголемите предизвици на земјава во обезбедувањето здрава животна средина, до 2033 година ќе бидат сведени само на случајни појави, предвидува новата нацрт-Националната стратегија за управување со отпад, пишува Мета.мк.

Документот пропишува дека во следните пет години отпад треба да се подигнува од најмалку 97 отсто од домаќинствата во земјава, а степенот на собирање треба да се зголеми од сегашните 71 на најмалку 95 отсто од ѓубрето што го создаваат. Во овој период, треба да станат оперативни најмалку четири регионални депонии, а нестандардните и нелегалните депонии каде што е утврдено присуство на опасен отпад да бидат затворени.

Документот е во нацрт фаза, а минатиот месец беше презентиран и пред јавноста. Тој треба да придонесе за воспоставување на циркуларна економија во управувањето со отпадот и да стави фокус, пред сè, на намалувањето на количините отпад што ги создаваат граѓаните. Една од целите е и да ја стимулира реупотребата и поправката од една страна и да ја обесхрабрува употребата на предмети за еднократна употреба, особено пластика.

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени смета дека за земјава е одлична вест што конечно се обезбеди можноста реномирани експерти да работат на креирање на овој документ, заедно со кој ќе биде изработена и Националната стратегија за управување со тиња и ќе се ажурираат регионалните планови за пет плански региони кои истекуваат во 2026 година, а се неопходни за регионалното управување со отпад и Националниот план за превенција од создавање на отпад, но вели дека граѓанските организации имаат и забелешки за неговата содржина кои ги доставиле и до Министерството за животна средина.

Стратегијата е добар документ и дава визија каде треба да биде државата во управувањето со отпадот за десетина години. Но, може да се забележи дека многу малку внимание посветува на регионалното управување, на селекцијата на различни типови и на спречувањето на создавањето на отпадот, што инаку е голем тренд во Европа. Сметам дека за сите овие прашања Националната стратегија треба да содржи поконкретни насоки и мерки каде и како сакаме да се движиме, вели Станојевска Пецуровска.

Таа додава и дека усогласувањето на националното законодавство со европското треба да биде поголем приоритет бидејќи тоа е начинот како навистина ќе се подобри управувањето со отпадот и додава дека документот многу добро ја следи хиерархијата за управување со отпад и дава мерки за намалување на загадувањето, за реупотреба и рециклирање, но не доволно ги потенцира работата на локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија кои се клучни во овие процеси.

Ова особено се однесува на одредбите на нацрт-документот, кои предвидуваат за период од седум години, до 2031 година, да се собира целиот комунален отпад од сите домаќинства во земјата, а до 2023 година во сите општини да биде воспоставено одделно собирање на опасниот отпад од домаќинствата.

До 2036 година треба да има одделно селектирање и собирање на сув и влажен отпад од домаќинства во 60 отсто од урбаните средини и 25 отсто од руралните области, а за неопасниот индустриски отпад и за отпадот од градежништво да има наменски, стандардни депонии. Еден од најголемите предизвици денеска, во поглед на третманот на отпадот, дивите депонии, ќе бидат само случајност. За сето тоа да стане реалност, од една страна треба да се зајакнат капацитетите на општинските комунални претпријатија кои отпадот треба да го гледаат како ресурс, а од друга страна да се обезбеди и соодветен надзор и инспекциска контрола и на локално и на централно ниво, дека процесот ќе тече како што треба.

Мораме да се фокусираме со регионалното управување и да отпочнеме со селекција на отпадот. Во прво време тоа треба да е пластиката, хартијата и стаклото, но за многу скоро и биоразградливиот отпад, за кој Стратегијата не нуди некои решенија како да се справиме. Тој учествува со најголем процент во комуналниот отпад од домаќинствата, а има многу малку солуции за решавање. За овој отпад треба најголема промена на однесувањето кај граѓаните за да се реши на соодветен начин, бидејќи прави огромен проблем на депониите, вели Станојевска Пецуровска.

Од Министерството за животна средина посочуваат дека Националната стратегија за управување со отпад претставува почетна точка за подготовка и имплементација на интегриран и економичен систем за управување со отпад усогласен со националното и ЕУ законодавството. Документот ги поставува насоките за правилно управување со цврст отпад за следните 12 години, засновани на принципите на одржливост и служи како основа за управување со сите текови на отпад. Според Министерството во земјава справувањето со отпадот, како едно од најаткуелните прашања од животната средина, е возможно исклучиво со поставување и профункционирање на регионалниот систем за управување со отпад.

Според стручните пресметки и анализи, најекономично и најисплатливо се покажа групирањето на општините и регионите во државата во пет регионални системи, со пет регионални санитарни депонии. Тоа се Источниот и Североисточниот регион и депонијата во Мечкуевци во Свети Николе, Полошкиот регион со депонијата во Русино, Пелагонискиот и Југозападниот регион и депонијата во Мегленци, Општина Новаци, Вардарскиот и Југоисточниот регион и депонијата во Доброшинци и скопската Дрисла, посочуваат од министерството.

Во моментов најнапредна е постапката за регионалната депонија во Свети Николе, за која се чека објавување на тендер за фирма која ќе ја изгради. За депониите во Русино и во Мегленци, проектите се реализираат со средства од заем од ЕБРД, а подготовката на тендерската документација е во завршна фаза. Се очекува во најскоро време да се објават тендерите за реконструкција на регионалниот систем во Русино и претоварната станица во Тетово, и за изградба на претоварни станици во Дебар, Кичево, Охрид и Прилеп и затварање на депонијата во Новаци. Во моментот тече и тендерот за набавка на возила и контејнери за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. За депонијата во Доброшинци во тек е тендерската постапка за изработка на плански документи, која исто така е финасирана со заемот од ЕБРД.

Мета