Министерството за образование и наука (МОН) денеска информираше дека на eлектронските адреса за пријавување насилство prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk изминатите два дена пристигнале околу 10-тина пораки.
Дел од нив, како што посочија од МОН се однесуваат на врсничко насилство, а некои се од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.
„Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и
запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки. Училиштата мора да бидат безбедна средина каде ќе се одвива воспитно-образовниот процес. Затоа Министерството за образование и наука ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина“, посочија од Министерството.
Оттаму потсетија дека веќе изработуваат протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.
„Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите“, децидни се од МОН.
Истовремено, тие ги повикаа и родителите да земат, како што велат, активно учество, воспитувајќи ги своите деца на толеранција, ненасилство како и почитување и разбирање за различните од себе.
„Само со заеднички напори на сите чинители во воспитувањето и образувањето на децата можеме да се избориме за здрава младина и безбедни училишта“, додаваат од МОН.
Инаку, ресорното министерство пред два дена отвори мејл адреси за пријавување насилство, за кои посочија дека ќе бидат централно место каде може да се пријавува училишно насилство, за да можат институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации.
Ваквиот потег дојде откако во Србија ученик уби осум ученици и чувар во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград.