За две години, државните институции набавиле нови возила за 8.5 милиони евра, покажува истражување на ЦГК

Само за две години – 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8.5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг, покажува истражувањето кое денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, посочуваат од ЦГК.

„Најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра“, се посочува во наводите на истражувањето.

Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра, велат од ЦГК и додаваат дека омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило. Најмногу возила – 82, набавиле Електрани на Северна Македонија.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека на дури 70% од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда.

Во меѓувреме, најголема вкупна вредноста на склучени договори имаат фирмите „Порше лизинг“ и „Аутомотив груп“, секоја по околу 2.8 милиони евра за две години.

Анализата на ЦГК е достапна на следниов ЛИНК, како и базата на податоци на договорите за јавна набавка која може да се погледне на следниов ЛИНК.