За две и пол години, државните институции се подновиле со 392 возила за што потрошиле 8,1 милиони евра

Во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра, покажа анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „Пасати“ по 39 илјади евра секој, додека најмалку се подновил Државниот санитарен и здравствен инспекторат со само 7 автомобили за кои одвоиле 78.826 евра.

Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра.

Меѓу марките возила убедливо водат „Шкода“ и „Фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно скоро половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „Фолксваген“ води моделот „Пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „Шкода“ се од моделот “Октавија“.

Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со 3 милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.

Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела, се наведува во анализата. Дури на 71% од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава.

„Ова го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале“, забележуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Инаку, ова е второ вакво истражување кое го прави Цетарот за набавени нови возила на институциите.

Првото се однесуваше за 2013, 2014 и 2015 година кога државните институции набавиле 323 возила. За овие возила тогаш биле потрошени 5,3 милиони евра. Во сега анализираните две и пол години, набавени се 69 возила повеќе, што е зголемување за 18%, но потрошените пари се зголемиле за дури 53%.