За еден ден во Појасот Газа вакцинирани се повеќе од 72.000 деца против детска парализа

На првиот ден од вакцинацијата против детска парализа во централниот дел на Појасот Газа вакцинирани се повеќе од 72.000 деца, пишува „Анадолу“.

Портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф ал Кудра, изјави дека граѓаните покажале голем интерес за  вакцинација на децата до десет години во централниот дел на Појасот Газа.

На вакцинацијата што ја организираат Обединетите нации (ОН) и Агенцијата за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток УНРВА, работат вкупно 470 здравствени работници.

Како што информираше Ашраф ал Кудра, во Појасот Газа до 4 септември ќе бидат вакцинирани повеќе од 600.000 деца до десет години.

Инаку, војната во Појасот Газа почна на 7 октомври минатата година. Според податоците на палестинското Министерство за здравство досега убиени се околу 40.700 Палестинци а повредени се над 94.000.

Веќе 11 месеци поголемиот дел од Газа е урнат а ситуацијата дополнително се влошува поради недостиг на храна, чиста вода и лекови.