За една деценија 27 илјади помалку ученици во Македонија

Денеска на училиште тргнуваат 27 илјади ученици помалку отколку што било случај пред 10 години во државата, односно вкупниот број е намален за 10%. Бројот на средношколци е намален за 20%, односно за 17 илјади ученици. Додека, во основното образование намалувањето изнесува 5%, односно 10 илјади ученици.

Во основните училишта, најголемо намалување на бројот на ученици од дури 57% има во Ново Село, а кај средните во Пехчево каде само за десет години има 83% помалку ученици. Бројот на наставници, пак, во основно расте, а во средно има мало намалување.

Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика анализирани од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации (ЦГК). Анализата, исто така, посочува дека во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот Регион. Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат Центар, Струга, Куманово и Гостивар.

„Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово. Од големите градови, бројот на ученици во основно расте во Скопје и во Струмица“, наведуваат од ЦГК.

Извор: ЦГК

Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на ученици за 56%. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59%. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43%, односно за нешто повеќе од илјада ученици.

„Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9%“, информираат од Здружението.

Насекаде се намалува бројот на средношколци, освен во неколку мали општини, велат оттаму.

„Кога станува збор за средното образование, состојбата е многу полоша. Таму, намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини, односно во 90% од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина“, појаснуваат тие.

Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип. Процентуално, пак, најголем губитник е Пехчево. Таму, бројот на ученици во средно е намален за 83% само во последните десет години. Преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште.

Во главниот град Скопје има намалување од 2.727 средношколци, односно за 10% во последната учебна година.

Фото: ЦГК

„Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот Регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа во Аеродром, Центар и Богданци“, појаснуваат од ЦГК.

Во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини.

Истовремено, со намалувањето на бројот на ученици во основното образование насекаде низ земјава, бројот на наставници е зголемен.

Фото: ЦГК

„Имено, во последната учебна година имало 1203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7%. Истовремено, бројот на ученици е намален за 5 проценти. Кога станува збор за средното образование, бројот на наставници е намален за речиси 5%, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20%“, додаваат тие.