За испитот на зрелоста матурантите учеа од скратен материјал, денеска полагаа мајчин јазик

Учев многу за денешниот испит. Имавме подготвителна настава со професорите. Имам трема, но бидејќи учев мислам дека ќе постигнам добри резултати. Ова во изјава за агенцијата Мета го кажа матурантка во училиштето „Марија Кири Склодовска“, која денеска заедно со своите врсници го полагаше првиот предмет од испитот на зрелоста, мајчин јазик. Учениците од ова училиште, уште во 9 и 30 часот утрово чекаа ред да влезат за да полагаат. Откако влегоа и седнаа во училишните столчиња, им беше поделен испитниот материјал и полагањето започна точно во 10 часот, како и што беше превидено.

Директорот на училиштето Дарко Спасев, за Мета кажа дека во ова училиште годинава има вкупно 352 матуранти, што е повеќе од минатите години.

„Процесот се спроведува според планираното, полагањето започна навреме. Децата имаа позитивна трема, но нема да имаат проблем бидејќи се подготвуваа со нивните професори од 19 до 26 мај. Вториот екстерен испит, математика или странски јазик, учениците ќе го полагаат на 10 јуни. Во нашето училиште само едно дете е пријавено за полагање математика, а останатите се за англиски јазик. Исто така имаме и 70 ученици кои се пријавија за полагање завршен испит, кој ќе се организира на 12 јуни“, рече Спасев.

Во училиштето беше и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Благица Павловска, институцијата која го организира целиот процес.

„Оваа учебна година за државната матура се пријавиле 15.620 ученици, од кои 6.750 се од гимназиско образование, 8.598 се од средно стручно обвразование, а 272 се од уметничко образование. Денеска се полага мајчин јазик. Полагањето започна во 10 часот. Во процесот на реализација на матурата се ангажирани 2.107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции“, вели Павловска.

Во април, вработените во ДИЦ започнаа штрајк за повисоки плати, со што беше доведено во прашање полагањето на испитот на зрелоста. Тие штрајкуваа повеќе од три недели. Имаа неуспешни преговори во Владата и со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и не постигнале договор за да им бидат платите покачени. Беа револтирани бидејќи беа направени ребаланси за покачувањата на функционерите од безмалку 80 проценти, а за вкупно 30 вработени во ДИЦ не се најде решение, иако тие работат напорно и имаат големи одговорности со оглед на фактот дека матурата, но и другите државни и меѓународни тестирања кои ги организираат, се прилично обемни.

Државната матура е услов за упис на факултет. Мета.мк неодамна пишуваше дека државната матура годинава ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставниот процес, последно, заради дојавите за бомби. Претходно, наставата беше во прекин заради пандемијата, па потоа следуваше неколкунеделниот  штрајк на СОНК.

Мета