Иницијативата за забрана на платични кеси вчера до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) испрати писмо насловено „За климатска стратегија по мерка на сите“.
Во него, како што велат тие, се содржат предлози и сугестии од областа на делувањето на Иницијативата, со цел да партиципираат во креирањето на Национална долгорочна стратегија за климатска акција.
Во продолжение го објавуваме интегралниот текст на писмото:
„Почитувани,
Како иницијатива што се залага за забрана на пластични кеси и пластика за еднократна употреба, како и за намалување на штетните последици од пластиката и отпадот воопшто, би сакале да дадеме неколку забелешки и сугестии кон Нацрт-извештајот за Стратегиска оцена на животната средина на Долгорочната стратегија за климатска акција на РС Македонија за периодот 2020 – 2050 год.
Констатиравме дека во Долгорочната стратегија на секторот ОТПАД му е отстапен премал простор, а анализите и мерките се направени површно, што не соодветствува со важноста на овој сектор, дотолку повеќе што постапувањето со отпадот кај нас е на прилично ниско ниво и има простор да се цели кон идно драстично подобрување.
1) Во политиките за ублажување што ги предлагате нема никаква разлика помеѓу WEM и WAM сценаријата, поточно и во двата случаја предвидено е намалување на емисиите на стакленички гасови за незначителни 2% во периодот од 1990 – 2050 год. (стр. 32-33) Со оглед на тоа што понатаму во Стратегијата предлагате извесни мерки за секторот отпад, се наметнува прашањето колку тие мерки се соодветни и дали се доволни штом не даваат никаков резултат од аспект на климатската криза и намалување на емисиите на стакленички гасови. Ние основано сметаме дека не се.
2) Во Стратегијата спомнувате дека во иднина, во РС Македонија се очекува намалување на отпадот по глава на жител, но конечно дури по 2038 год. (стр.54) Сметаме дека е неприфатливо за преку 15 години да се одложува моментот кога ќе почне намалувањето на отпадот по глава на жител и сметаме дека на тој процес треба да почне да се работи уште веднаш! Исто така, би требало поконкретно да ги наведете предвидените мерки што ќе резултираат со намалување на отпадот по глава на жител. Ако тоа се должи на минимизирање, подобрено управување и селекција на отпадот во сценарио што ќе ги вклучува креаторите на политиките, индустријата, трговците и потрошувачите, сметаме дека истото треба да се специфицира со цел навремено информирање и преориентирање на секој од субјектите кон новите практики. Секако, ова не ја исклучува јавноста, како од аспект на потрошувачки навики, така и од аспект на примарната селекција на отпадот.
3) Кога спомнувате третман на градинарскиот отпад (стр. 56), нејасно е дали тука спаѓа и органскиот отпад од домаќинствата.
- Дали и на кој начин граѓаните ќе го селектираат органскиот отпад?
- Дали ќе има подобрена селекција и на другите видови отпад, вклучително пластика, или тоа се однесува само на хартијата, како што наведувате во Стратегијата?
4) На наше огромно разочарување, пластиката речиси и да не е спомната во Долгорочната стратегија. Во неа наведувате составот на комуналниот цврст отпад во проценти да остане ист во текот на целиот период (2016-2050 год.). Во согласност со европските препораки, пластиката треба да биде сведена на минимум и, следствено, процентот од 32,6% што отпаѓа на пластика и друг инертен отпад (колку пластиката е инертен отпад?) да стане многу помал. Неприфатливо е да не се предвидат мерки за намалување на употребата на пластиката која потекнува од фосилни горива.
Според предвидувањата засновани на научни истражувања, со постојното темпо на производство и потрошувачка, во 2050 год. пластиката би учествувала со огромни 13% во вкупниот преостанат јаглероден буџет на глобално ниво. Понатаму, конвенционалната и оксопластиката се добиваат од фосилни горива! Пластиката е посебна и по тоа што емитува стакленички гасови низ сите фази од нејзиниот животен век, а тоа меѓу другото вклучува емитување на стакленички гасови со векови. Тоа што нашата држава нема резерви на нафта, па (само) фазата на екстракција е изоставена, не не’ изолира од остатокот на светот каде што пластиката, со право, веќе тесно се поврзува со климатската криза.
Свесни сме дека квантификација на емисиите на стакленички гасови создадени од пластика е сложен процес за кој е потребна експертиза и силна меѓусекторска соработка.
1) Според направените европски и светски анализи и истражувања, прва и најважна мерка што сигурно ќе даде резултат, а што воедно е препорака на ЕК, е забрана на пластиката за еднократна употреба и минимизирање на побарувачката на пластика воопшто.
2) Второ е воведувањето на нови видови пластика од маса од растително потекло. Тука, важно е да се наведе дали и во какви капацитети отпадот од биопластика би се рециклирал или компостирал? Какви стакленички гасови ќе произведе неговото одлагање на депониите и/или компостирањето?
3) Трето – користење на обновливи извори на енергија во процесите на добивање и преработка на пластиката.
4) Повисок степен на селекција и рециклирање/компостирање на конвенционалната и биопластиката.
Сметаме дека е потребно во Стратегијата да се вкалкулираат горенаведените точки, да се наведат годините кога би се имплементирале мерките што од нив ќе произлезат, ефектите, движењето на емисиите на стакленички гасови и сл., се’ со цел да се избере најоптималното и одржливо решение што ќе придонесе за позначително учество на овој важен сектор во справувањето со климатската криза.
Се надеваме дека нашите сугестии ќе најдат место во ново WAM сценарио како единствено можно, како и во Деталниот акциски план“, стои во писмото на Иницијативата.