„За медиумцките работи“ – говорот на Фатима Сали на Ораторската вечер по повод Меѓународниот ден на Ромите

Реалното секојдневие и предизвиците на Ромите беа дел од темите кои ги говореа ораторите на темата „Ромскиот народ – минато, сегашност, иднина“. Ораторската вечер ја организираше Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

Во продолжение, го споделуваме говорот на Фатима Сали за начинот на кој Ромите се прикажани во медиумите.

***

Медиумите се четврта власт во едно општество. Тие во секое општество поседуваат огромна моќ. Моќ која може невиниот да го направат виновен, а виновниот да го направат невин. Токму преку таа моќ медиумите може да создаваат вистинска слика, но понекогаш може да создаваат и нереална и негативна слика која понатаму знае да има големо и трајно влијание врз ставовите на голем број луѓе.

Денес, луѓето зависат од информациите кои ги добиваат преку медиумите, а секако тоа влијае врз нивната комуникација со светот и погледот кон одредени нешта. И тоа ме носи кон прашањето, каква слика прикажуваат нашите медиуми за Ромите? Позитивна или негативна? Да, да, смешно е прашањето … апсолутно. Кого и да прашате ако е доволно искрен и праведен ќе даде само еден одговор. Во македонските медиуми доминираат негативните информации за Ромите. И ова не е само моја констатација, ова е секојдневие во Македонија, но и во светот.

Ќе започнам со прашањето дали сте забележале дека секогаш кога се зборува за Роми, тие во медиумите се прикажуваат како сензација и проблем како боси, голи, валкани, неписмени и сиромашни? Притоа, ваквите репортажи и вести на медиумите немаат за цел да придонесат кон алармирање на општествената јавност за ваквите проблеми и да ја отворат потрагата по решенија туку само да дадат опис на Ромите. Така ќе забележите вести со критика за ромски номадски населби но, не и прашање зошто овие луѓе се оставени без кров над глава. Никакво решение. Само опис. Опис кој е преполн со стереотипи. Опис кој најчесто се потпира врз неточни податоци. Опис преку кој медиумите наместо да придонесуваат кон уривање на стереотипите тие всушност уште повеќе ги засилуваат истите.

И затоа, доколку медиумите се толку заинтересирани за приказ на Ромите тогаш би сакала да прашам каде се медиумите сега? Каде се да го снимат овој момент и да прикажат на своите екрани и насловни страни како студенти Роми одржуваат ораторски вечери
и се рамо до рамо со светските оратори? Да покажат дека сме писмени, обелечени, паметни и гласни. Ги нема. Отсутните се. Очигледно ваквите настани не им се интересни. Очигледно ваквите настани организирани од Роми не носат многу публицитет и читатели. Но, затоа, приказните за поврзаноста на Ромите со кражби и криминални дела секогаш будат голем публицитет и читатели.

Лесно можете да забележите дека во македонското општество од голема важност е јавноста да биде информирана дека РОМ украл 15 ќебапчиња од ресторан. И притоа информирање посебно е важно да се потенцира дека кражбата на 15 ќебапчиња ја сторил Ром. Потребни се тие приказни бидејќи токму преку нив треба да се поддржат стереотипите дека Ромите лажат, крадат и претставуваат јавна опасност за општеството. Затоа, и често при известувањето за вакви случаи кога станува збор за Роми се заборава индивидуалната приказна и се оди кон генерализирање и креирање на слика за цела една етничка заедница. Магично „еден украл“ се трансформира во „сите крадат“. Еден не плаќа данок, оп сите не плаќаат данок. Еден излажал, оп сите лажат. И така суптилно се создава слика дека сите Ромите се јавна опасност и лоши граѓани. Па веќе кога сме одлучиле така да функционираме би сакала да ве прашам.

Деновиве сме сведоци на судски постапки за корупција и тешки криминали. Речиси сите од обвинетите се Македонци и Албанци. Дали според тоа треба да помислам дека сите Македонци и Албанци се корумпирани и криминалци? Боли нели. Боли некој да ви стави етикета за нешто за кое немате никаква вина. Знам дека боли … Но, исто така знам дека доколку беа Роми во
прашање тогаш немаше ваквата констатација да биде прашање туку ќе беше реалност. Тешко ќе ви беше да одолеете на потребата од генерализација . Сепак, за публицитет и читаност се работи. Истиот тој публицитет и читаност ве тераат на вашите телевизии, портали и весници да се исмејувате со Ромите. Да, да. Почнувајќи од тв серијата „Трст виа Скопје“ ,филмот „Дом за бесење“, филмот „Црна мачка, бел мачор“ и популарниот „Шампионите од Шутка“, па се до разни Јутјуб видеа и слики од дечиња Роми во градски фонтани при информирање на јавноста за неочекувани топлотни бранови во државата. И така се креира една слика.

Негативна слика која придонесува кон стереотипи и стигматизација, но и кон дискриминација, сеграгација и ксенофобија. Затоа ваквата состојба мора да се смени. Мора да се прекине веднаш со негативните вести за Ромите во медиумите. И тука, првенствено патот кон промени треба да го покажат ромските медиуми. Наместо да прикажуваат свадби, поздрави и честитки потребно е да
се борат и да покажат на општеството, но и на сите медиуми дека за Ромите има и позитивни вести.

Да им покажат дека ние Ромите не сме јавна опасност туку скромен и мирољубив народ кој никогаш не војувал против други народи. Да им покажат дека е смешно да се плашите од народ кој низ историјата секогаш бил жртва, а никогаш сторител на повреди на човекови права. Затоа ве повикувам, не се плашете од нас … сакајте не и почитувајте не.

Почитувајте не бидејки сме лојални граѓани кои ја почитуваат оваа држава. Лојални граѓани кои никогаш не се бунтувале против неа туку напротив ја бранеле носејќи ја нејзината армиска униформа. Ние го почитуваме македонскиот идентитет и јазик и баш затоа нашите најпопуларни пејачи од Есма до Ферус покрај што песните ги пишуваат и изведуваат на ромски јазик одлучуваат истите да ги изведуваат и на македонски јазик. Го знаете ли тоа? Го цените ли тоа? Како што треба да го цените податокот дека сме одговорни граѓани кои своите деца ги носат на вакцинација. Погледните ги последните информации… Шуто Оризари е највакцинираната општина во Скопје… Далеку повакцинирана општина од Карпош, Аеродром, Чаир… Колку убав новинарски прилог би можело да излезе од оваа информација… Ромските деца највакцинирани деца во Македонија… Исто како што наместо да не прикажувате боси, голи, сиромашни и неписмени би било многу поубаво да пренесете успешни приказни од Роми адвокати, фармацевти, доктори …

Време е во вестите, дебатите и утринските програми да се зголеми бројот на учесници Роми. Верувајте имаат многу паметни работи да кажат. И само кога медиумите би биле полни со вакви вести, тогаш ќе можеме да ги срушиме стереотипите и да ја избришеме негативната слика за Ромите во медиумите, но и во општеството.

Негативна слика која води кон говор на омраза и ксенофобија. Време е тоа да се сопре и промени. Време е медиумите во Македонија, но и во светот да почнат да создаваат позитивна слика за Ромите. Затоа, Медиуми ве повикувам да почнете да пишувате за Ромите и во позитивна смисла. Имате многу материјал за такви текстови и вести. Знам дека таквите вести ќе ви носат помалку пари и лајкови, но сакам да ве потсетам дека не е се во парите. Напротив, медиумите се создадени првенствено да придонесат кон општото добро во државата. А има ли поголемо општо добро од борбата против дискриминацијата, сеграгацијата и стигматизацијата?