Во изминатите неколку години Република Македонија е често спомнувана како земја со значаен напредок во политичкото застапување на жените на парламентарно ниво. Во тековниот состав на Собранието од вкупно 120 пратеници, 39 се жени што соодветствува со препораките на Обединетите нации (за неопходноста од најмалку 30 проценти учество на жените во националните парламенти) и просекот на земјите членки на ЕУ кој се движи од 30 до 35 проценти.
Но, ваквата родова застапеност не соодветствува на сите степени на одлучување и власт и оттука не дава реална слика за улогата на жената во македонската политика. Во извршната сфера, само две жени министерки заземаат и обавуваат највисоки функции на одлучување. Бројот на заменички е исто така незначителен и повторно не e во согласност со популационите и образовни карактеристки на државата кои одат во полза на женскиот пол. Сепак, најзагрижувачки се податоците за политичката застапеност на жените во Македонија на локално ниво. Од сегашните 85 градоначалници, нема ниту една жена на чело на општина. Имајќи го ова предвид, следниве редови претставуваат краток осврт кон политичката застапеност на жените на кандидатските листи на трите најголеми партии (ВМРО-ДМПНЕ, СДСМ и ДУИ) во рамки на предстојните локални избори.
Анализата на градоначалничките листи покажува релативно низок степен на застапеност на жени како предводнички на градоначалничките листи на сите партии. Имено, на листата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ жените се застапени со 7.5 проценти и 6 проценти – соодветно, додека кај ДУИ овој процент изнесува 4.75 од вкупниот број кандидати. Во бројки, од 67 поднесени градоначалнички листи на ВМРО-ДПМНЕ само 5 жени се предложени како градоначалнички, кај СДСМ на 67 листи само 4 жени и кај ДУИ од 21 листа само една кандидатка за градоначалничка. Оттука не постојат значителни разлики помеѓу најголемите партии во однос на влученоста на жените како канидидати за градоначалници.
Доколку пак ја погледнеме големината на оштините во кои партиите предложиле жени градоначалчнички, постојат значајни разлики помеѓу нив. ВМРО ДПМНЕ и ДУИ имаат свои кандидатки во значително поголеми оштини од оние на СДСМ. Имено, ВМРО ДПМНЕ има свои кандидатки за градоначалнички во Кисела Вода, Карпош, Чаир, Богданци и Градско, додека ДУИ има кандидатка во Тетово. Кај СДСМ жени се предложни за Македонски Брод, Неготино, Росоман и Чашка.
Од аспект на можностите една од кандидатиките да победи во назначените општини доколку ги споредиме со исходите од резултатите на претходните локални избори повторно се доаѓа до незавидни резултати. Имено жени кандидатки во најголем дел се предложени за општини во кои партиите биле поразени на претходните избори. Во случајот на СДСМ, партијата ги изгубила изборите во сите 4 општини каде сега има жена кандидатка. Спомнатото се однесува и за ДУИ во Тетово. Во случајот на ВМРО ДПМНЕ, тие победиле во три општини (Кисела Вода, Богданци и Градско) додека пак изгубиле во две општини (Карпош и Чаир). Доколку хипотетички бројот на гласови и освоени општини остане ист како на претходните избори, тогаш во новиот мандат би имале само 3 жени мандатарки. Така, покрај малиот број на номинирани кандидатки, може да се очекува уште помал број избрани кандидатки.
Ваквото ниско учество на жените на градоначалничките листи изненадува имајќи го предвид и фактот дека најголемите политички партии во Македонија имаат пристојно развиена мрежа на унии и клубови на жени. На пример, според документ на СДСМ се вели дека партијата „е прва партија во Република Македонија која во 2002 година, во својот статут, внесе квота од 30% застапеност на обата пола во партиските структури по вертикала”. Оттука е нејасно зошто тие не се соодветно застапени и на градоначалничките листи со поголем процент. Од друга страна, ниту една друга партија нема поставено вакви квоти.
Затоа резултатите повторно ќе мора да бидат земени како поразителни имајќи предвид дека не соодветствуваат ниту со активната вклученост на жените во работата на политичките партии која е далеку над 4-5 проценти, ниту со заложбите за зголемувње на бројот на жени во политиката, a уште помалку со елементарните светски стандарди за приближување до паритет помеѓу двата пола во одлучувачките процеси кои се проследени со силни емпириски индикации за важноста на жената во создавањето на разнолико и напредно граѓанство. Во таа насока, ваквите резултати отвораат теми и дилеми поврзани со идеолошка недоследност на партиите и недостатокот на заложба, но и прашања поврзани со политичкиот традиционализам и дали ваквите маневри се одраз на внатрепартиската волја или можеби одраз на конзервативен електорат кој е резервиран во однос на гласањето за жена.
Maртин Галевски