Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, во соработка со софтверската компанија G6 Solutions од Скопје, го изработија првиот аудио водич за археолошки локалитет во Република Македонија кој е во употреба од 12 јули.
Од НУ Стоби соопштуваат дека овој аудио водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин.
„Археолошкиот локалитет Стоби е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и IOS оперативни системи, на македонски и англиски јазик. Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап“, информираат од НУ Стоби.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Превод на англиски, Димитар Николовски, а лектура на англиски јазик, Керолин Снајвли. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски, Димитар Николовски.