За прв пат ќе се изложат еротските цртежи на Енди Ворхол

Уметничките дела од 1950 година ќе бидат изложени во музејот „Тејт“ за време на изложбата и промоцијата на новата книга „Енди Ворхол: Рани цртежи на љубов, секс и страсти“.

Дузина од претходно невидени еротски цртежи на Енди Ворхол ќе бидат претставени на ретроспективната изложба за уметникот во лондонскиот музеј за модерна уметност „Тејт“, која истовремено ќе биде документирана и како книга. Книгата ќе вклучува стотици цртежи кои датираат од 1950 година, кога Ворхол бил комерцијален илустратор, многу години пред да стане популарно пакувањето на „Кемпбел“ супата, која го утврди Ворхол како еден од светските реномирани уметници.

Според Фондацијата на Енди Ворхол, кога уметникот се обидел да ги изложи своите илустрации во 50тите години во Њујорк, тој се соочил со хомофобични одбивања од страна на сопствениците на галерии. Портпаролот на Фондацијата, Мајкл Дејтон Херман за „Гардијан“ изјавил дека цртежите покажуваат емоционална ранливост на начин кој не се доловува со камера, додавајќи дека ваквото чувство не е често во работата на Ворхол.

„Кога цртате некого, се познава раката на уметникот. Не постои бариера помеѓу уметникот и субјектот, станува збор за многу личен и интимен начин да доловите некоја личност, цртежот кажува многу за уметникот, но и за уметничкиот субјект“, истакнал Херман.

 

Истражувањето за книгата вклучува и интервјуа со уметници кои ги паметат одбивањата на њујоркшките галерии во 50тите. „Тие најчесто велеа дека овие дела се создадени од католик кој го поминува времето во САД во време кога “содомијата“ беше тешко кривично дело во секоја држава. Со тоа се докажува дека уште од рана возраст, Ворхол ја прифатил улогата на антиконформист“, додал Херман.

Тој објаснува дека Ворхол е уметник кој ѝ давал на сексуалноста централна улога во неговите дела уште од првиот ден, додавајќи дека тој го предизвикувал светот да гледа поинаку на работите, но не успеал во неговата мисија во 50тите бидејќи луѓето не биле подготвени за промени.

Изложбата во „Тејт“ музејот ќе биде отворена за јавноста од 12ти март па сè до 6ти септември.

Извор:Dazed&Confused