Американецот Дејвид Бенет стана првиот човек во светот на кој му беше трансплантирано срце од генетски модифицирана свиња.
57-годишникот е во добра состојба три дена по експерименталната седумчасовна медицинска процедура која беше изведена во Балтимор, потврдија докторите.
Трансплантацијата се сметала за единствена надеж за спас на животот на Бенет, иако и понатаму не е познато какви се шансите за негово долгорочно преживување.
„Изборот беше или смрт или оваа трансплантација“, објаснил Бенет ден пред операцијата, пренесе Би-Би-Си.
Тој бил прогласен за непогоден за трансплантација на човечко срце, одлука која често ја носат докторите кога пациентот се наоѓа во многу лоша состојба. Сепак, тимот од Медицинскиот центар Мериленд добил специјална дозвола од регулаторите да ја извршат оваа операција под изговор дека во спротивно пациентот би умрел.
Вчера докторите потврдиле дека тој дише без дополнителна помош по операцијата и дека е под силен медицински надзор.
Сепак и понатаму не е познато што ќе се случува во иднина. Свињата која се користела во трансплантацијата била генетски модифицирана за да се отстранат неколку гени кои би воделе кон тоа органот да бил одбиен од телото на Бенет.
За докторите во тимот овој чин претставува кулминација на долгогодишни истражувања кои можат да направат огромни промени во светот.
Хирургот Бартли Грифит вели дека оваа процедура може да го приближи светот поблиску кон решавање на кризата со недостаток на органи за трансплантација. Поради таа криза во САД секојдневно умираат по 17 луѓе кои чекаат трансплантација.
Можноста а користење животински органи, за таканаречена ксенотрансплантација, долго време беше теоретски гледана како можно решение, а веќе подолг период редовно се користат свински срцеви залистоци во медицината.
Во октомври 2021 година хирурзите во Њујорк соопштија дека успешно пресадиле бубрег од свиња во човек. Во тоа време таа операција беше најнапреден експеримент во оваа сфера.
Бенет изјавил и дека се надева дека трансплантацијата ќе му овозможи да продолжи со својот живот. Шест недели чекал на операцијата прикачен на машина која го одржувала во живот откако му била дијагностицирана фатална срцева болест.