За првпат во 55 години стрипот „Алан Форд“ го црта жена

Со мајскиот, 659-ти број на култниот италијански стрип „Алан Форд“, издавачот и сценарист Макс Бункер ја претстави уметницата Вероника Гуити како нова членка на тимот, пишува Мета.мк.

Во уредничкиот коментар во 659-тата епизода Бункер објаснува дека првата епизода цртана од Гуити требало да биде бројот 660, но распоредот бил поместен заради тоа што еден од четирите цртачи, не по своја вина, доцнел со предавање на материјалот за првобитниот број 659.

Затоа направиле прераспоред и епизодата на Гуити насловена „4 минути подоцна“ (4 minuti dopo) е објавена еден месец порано. Како причина за доцнењето Бункер наведува дека другите цртачи се дојдени на возраст кога има зголемена потреба да се грижат за остарени родители и често се присилени да решаваат итни здравствени проблеми.

Вероника Гуити (Veronica Guitti) има завршено ликовна академија во 2004 година, а во текот на кариерата има работено и со анимација и тетовирање. Претходните месеци на нејзиниот профил на Инстаграм (@veronicaguitti_art) таа објави неколку кадри поврзани со работата на нејзината прва епизода на Алан Форд.

„Таа има свој посебен стил кој ми се допадна, кој сега треба да го помине тестот на вкусот на читателите. Ако, како што се надевам, вашето мислење е позитивно, тогаш ќе отстапам повеќе извршен простор за првата жена која го црта Алан Форд“, напиша Бункер.

Првата епизода на стрипот „Алан Форд“ е објавена во Милано во мај 1969 година. Стрипот е дело на Макс Бункер како сценарист и легендарниот болоњски ликовен уметник Магнус, кој ги има нацртано првите 75 епизоди. По заминувањето на Магнус, кој се врати само за да ја нацрта јубилејната епизода бр. 200, Бункер има работено со низа цртачи. Тие во различен степен беа прифатени од читателската публика, а како најдолговечни се имаат покажано Паоло Пифарерио и Дарио Перука.

Мета