Британец чија нога е ампутирана стана првото лице со телесен инвалидитет во светот кој е избран во тренингот за астронаути од Европската вселенска агенција (ЕСА).
Станува збор за 41 годишниот Џон МекФал, кој ја изгубил ногата по сообраќајна несреќа кога имал 19 години. Тој им се приклучува на други 16 жени и мажи кои беа избрани од ЕСА за следната генерација астронаути, прва ваква селекција по 13 години.
МекФал бил професионален спортист и ја претставувал Велика Британија на Параолимписките игри. Тој освоил бронзен медал на Параолимпијадата во Пекинг во 2008 година,
Од ЕСА велат дека сакале да ја прошират дефиницијата за тоа што е потребно за да се оди во вселената.
Сепак, оваа првична селекција не значи дека МекФал сигурно ќе отпатува во орбитата, туку дека ќе биде дел од физибилити студија со која ќе се испитува кои се карактеристиките кои ќе бидат потребни за лице со телесен инвалидитет да може да учествува во таква вселенска мисија.
МекФал изјави дека е благодарен и горд што добил шанса да учествува во ваков смел проект.
„Кога ЕСА соопшти дека бараат кандидати со телесен инвалидитет за да испитаат дали тие можат да бидат астронаути, погледнав во огласот и едноставно се пронајдов во него. Бев инспириран и почувствував дека морам да се пријавам“, рекол МекФал за Би-Би-Си.
ЕСА ќе работи со НАСА на оваа физибилити студија. Најпрво треба да утврдат дека учество на парастронаут не би ја загрозило безбедноста на вселенскиот екипаж. Дополнително ќе се испитува дали ќе биде потребно прилагодување на вселенските летала со кои тие би патувале во вселената.
„Навистина е важно да ги вклучиме сите оние кои се возбудени за вселената. Го правиме првиот чекор, преку овој повик за луѓе кои имаат одредена телесна попреченост и се надеваме дека тие ќе можат да летаат на мисија на Меѓународната вселенска станица“, изјавил д-р Дејвид Паркер, директорот на ЕСА за човечко и роботизирано вселенско истражување.
Вработувањето на оваа генерација астронаути и нивниот двегодишен тренинг ќе започне во април следната година. Покрај регрутацијата на астронаутите, од ЕСА најавија дека обезбедиле 16,9 милијарди евра за нивните вселенски програми во следните пет години.