На Клиниката за дигестивна хирургија, вчера беше направена трансплантација на црн дроб од починат донор, прва во историјата на македонскотo здравство, соопштија од Министерството за здравство на нивната страница на Фејсбук.
Шеесет годишен пациент со хронична болест на црниот дроб, добил здрав орган од пациентка во мозочна смрт, чие семејство се согласило да ги донира органите.
Покрај црн дроб, како што објави Министерството, се вршат и трансплантации на бубрези кај двајца пациенти со бубрежна болест. Министерот Беким Сали, во име на целиот персонал вклучен во трансплантациите, се заблагодари на семејството на донорот и на нивната одлука да спасат не еден, туку три животи.
„Ни покажаа уште еднаш дека живот може да се подари. Благодарност и до сите медицински тимови вклучени во трансплантацијата, кои изминатите 24 часа работеа и продолжуваат да работат со пациентите. Посебна благодарност до проф. Зоран Караџов и неговиот тим, како и до тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија, кои денес испишаа нов лист, не само во делот на дигестивната хирургија, туку и во целокупното здравство“, вели министерот Сали.