Еден од најефикасните начини македонските институции, граѓани, компании и организации да се справат со климатските промени, да носат вистински одлуки во процесот на намалување на влијанијата и последиците и да работат на заштита и адаптација во своите сектори е да добијат навремени и правилни информации поврзани со климатските промени, пишува Мета.мк.
Знаеме ли што се климатските промени, како се предизвикани, но и кои се секојдневните ситуации кои ги доживуваме, а кои се нивна директна последица? Во последните години свеста за влијанијата на промените во климата е сè поголема. Луѓето, но и компаниите, организациите и владите дискутираат и ги земаат во предвид при планирањето на идните активности. Сепак, мора да се заклучи дека вистински акции за адаптација и ублажување на последиците допрва ни претстојат. Еден од главните услови дали успешно ќе се справиме со овој предизвик е дали ќе си обезбедиме навремени и точни информации.
Последиците од климатските промени се чувствуваат секаде во светот и кај нас. Минатиот месец, јули, беше прогласен за најтоплиот месец во светот од почетокот на мерењето на температурите, со температура на површината на Земјата за 0,72 степени над јулскиот просек од 1991 до 2020 година и за 0,33 степени повисока отколку во најтоплиот регистриран месец до денес, јули 2019 година. Најтоплиот ден на светот досега беше 6 jули годинава, со глобална просечна температура од 17,08 степени.
Еден од најефикасните начини македонските институции, граѓани, компании и организации да се справат со климатските промени, да носат вистински одлуки во процесот на намалување на влијанијата и последиците и да работат на заштита и адаптација во своите сектори е да добијат навремени и правилни информации поврзани со климатските промени. Граѓанските организации во земјава апелираат дека креирањето на политики со интегриран пристап во однос на енергетиката и климата е неминовност која ни претстои, но и дека е јасно оти имплементацијата на стратешките документи, зацртаните таргети за редукција на емисиите и реализацијата на пропишаните мерки и понатаму е сериозен предизвик за нашите институции и на централно и на локално ниво.
Горјан Јовановски, творецот на платформата за следење на квалитетот на воздухот, Air Care, неодамна ја лансираше и светската платформа со информации за клима EarthCare.ai. Се работи за голема дата-база за пристап до информации за пожари, поплави, бури, урагани и други временски и климатски непогоди. Целта, според Јовановски, е да се олесни пристапот до овие информации на организации и бизниси кои трошат стотици илјади евра, креирајќи инфраструктури за да сами ги собираат од сателити, владини и волонтерски станици.
„Ја видовме важноста во отварањето на податоците за квалитетот на воздухот преку AirCare и сега истото го правиме со многу поголем обем преку EarthCare.ai. Круцијално е да ги базираме нашите одлуки врз податоци, на пример, доколку земјоделците имаат пристап до историски податоци за периоди на суша, влага на почва, температурни бранови, бури и останато. Ќе може уште однапред да планираат подобро како да ги заштитат своите ниви од временски непогоди. Истото важи и за противпожарната заштита во шумите, која со следење на овие параметри може да се предвиди и превенира. Историските податоци се многу важни за правење на предвидувања и без квалитетни историски податоци, предвидувањата стануваат само игра на среќа“, вели Јовановски.
Посочува дека EarthCare.ai користи голем број на извори на податоци, почнувајќи од Владите и државните институции, до сателитски од Европската вселенска агенција и НАСА. Со нив може да се добие појасна слика за состојбата со влијанието на климатските промени во С. Македонија. Сепак, Јовановски смета дека кај нас проблем е да се разбуди волјата на институциите да ги користат овие податоци.
„Во западните земји е честа пракса да се носат одлуки врз база на прегледи од сателити бидејќи тие најдобро ја покажуваат состојбата без потреба некој физички да е таму. Една од нашите таргети е соработката со државни агенции за носење навремени и добри пракси и полиси кои ќе го заштитат населението од последиците на климатската криза. Податоци има, но ни недостига желба да гледаме и планираме на подолг рок“, вели Јовановски.
Консензус кај сите засегнати страни, поконкретна соработка со невладиниот сектор, како и политичка волја, особено во однос на декарбонизацијата на енергетскиот сектор, се особено важни фактори во справувањето со климатските промени, смета Филип Стојановски од Центарот за климатски промени. Сепак, посочува, кога се работи за борбата со климатските промени, нашите надлежни институции се соочуваат со недоволен капацитет и бавна и неефикасна имплементација на законодавството.
„За жал, капацитетот на институциите е недоволен, првенствено во однос на квалификациите на вработените и нивните знаења. И покрај постоењето на податоци за поизразената ранливост на климатските промени, за жал не се забележуваат конкретни активности за градење на капацитети за превенција и соодветен одговор во кризни ситуации. Исто така, не се прават доволно комплексни истражувања кои ќе утврдат одредени корелации. Регионите кои имаат најголема изложеност на екстремни настани, односно се најранливи на климатските промени се Вардарскиот, Источниот и Североисточниот. За жал, токму во овие региони голем број општини немаат подготвено Планови за справување со ризици од природни катастрофи“, вели Стојановски.
Посочува дека некакви активности насочени кон заштита од влијанијата на климатските промени се имплементираат парцијално преку проекти. На пример, преку проектот на УСАИД, Општински стратегии за климатски промени, осум општини добиле поддршка за справување со предизвиците од климатските промени. Тоа се Богданци, Маврово-Ростуше, Теарце, Студеничани, Пехчево, Виница, Кривогаштани и Боговиње. Во склоп на проектот, за споменатите општини се изработени Стратегии за климатски промени, но Стојановски смета дека вистинското прашање е дали и во колкав обем тие се имплементирани.
Во однос на чувствителноста и ранливоста на последиците од климатските промени, како што се екстремните временски настани, особено ранлив е земјоделскиот сектор. Во септември 2021 година, за потребите на Четвртата национална комуникација за климатски промени, подготвен е Секторски извештај за ранливоста и адаптацијата за секторите земјоделство и шумарство.
Во склоп на овој извештај направено е рангирање на општините според нивната ранливост на климатските промени, како и во однос на нивниот капацитет за адаптирање на климатските промени. Врз основа на овие критериуми, утврдено е дека општините со најмал адаптивен капацитет се Ранковце, Карбинци, Василево, Кратово и Крива Паланка, кои се лоцирани во Источниот и Североисточниот плански регион. Освен зајакнувањето на отпорноста на инфраструктурата со цел да одговори на екстремни настани, особено е важно во регионите каде земјоделството е важен дел од локалната економија да се размислува за одгледување на нови земјоделски култури поотпорни на новонастанатите климатски прилики.
„На веб страницата https://klimatskipromeni.mk/, достапни се националните стратешки документи од оваа област, но и повеќе анализи и истражувања кои меѓу останатото се однесуваат и на ранливоста и адаптацијата кон климатските промени. Граѓанскиот сектор во земјава исто така доста е активен во имплементација на проекти и реализација на свои истражувања. Центарот за климатски промени во моментот работи на анализа на екстремните временски настани во Македонија во последните 20 години. Според првичните сознанија, огромна е зачестеноста на пожари во летните месеци, а исто така чести се и поројните дождови кои предизвикуваат поплави“, вели Стојановски.
Тој додава оти мора да се констатира дека кај најголем број од општините ниска е свеста во однос на вложување во соодветно екипирање и отпорност на инфраструктурата како и подготовка на планови за справување со ризици. Затоа првенствено мора да се работи на подигање на свеста кај донесувачите на одлуки и на локално и на национално ниво, вели Стојановски.
Извор: Мета.мк