Да најавам едно дополнување околу мерките. Освен со бараниот сертификат за вакцина за најмалку една доза, за сите настани што се организираат на затворено или отворено ќе биде доволно да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во рок од 45 денови. Тоа се оние неопходни 30 дена да помине времето за вакцинацијата и 15-ина дена да се организира вакцинацијата, рече денеска министерот Венко Филипче, кој беше во посета на Општата болница во Охрид.
Тој пред новинарите нагласи дека анализата покажува дека е зголемен бројот на новодијагностицирани во градовите каде е причично мал опфатот со вакцинација. Околу 20 до 23% во Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево.
Во Охрид пак, вели тој, има скоро 50% опфат со вакцинација и во моментот 10 пациенти што се хоспитализирани.
„Во разговорот со директорите констатиравме дека е мал бројот на пациенти кои се јавуваат на преглед, и коишто имаат индикација за тестирање. Од вкупно 3.497 дијагностицирани изминатите седум дена – 3.047 се невакцинирани. Она што охрабрува е дека од вкупниот број вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани и 500.000 со прва доза – само 0,002% се заразиле. Што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани, таа популација е прилично сигурна и обезбедена. Тоа е доказ дека вакцината е безбедна, дека граѓани немаат никакви компликации, дека е очигледно ефикасна и ефективна“, рече Филипче.
Во однос на бројките на новозаразени, тој нагласи дека пред нас се денови во кои ситуацијата навистина може да биде критична, споменувајќи ги повторно Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово како градови со нови ковид-дијагностицирани и пациенти за хоспитализација.
„Тука се исполнуваат одделенијата, дел од пациентите се префрлаат и во Инфективната клиника во Скопје, која е исполнета со овие пациенти, но и со пациенти кои се дијагностицирани во градот. Сега се активираат останатите ковид центри. Системот е спремен и лекарите за системот за ротација. Така да, спремни сме да го пречекаме притисокот од овој бран“, потенцираше Филипче.
Министерот нагласи дека „единственото решение кое го имаме пред нас е да се зголеми опфатот на вакцинација“.
„Верувам дека граѓаните ја разбраа пораката за мерките и сакам да им се заблагодарам бидејќи навистина се зголеми интересот после таа најава. Ако граѓаните имаат дилема – сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат. Тоа е начинот на кој ќе постигнеме колективен имунитет, ќе имаме нормален живот, ќе може да функционираме и да работиме. Да бидеме продуктивни и да ги вратиме назад нашите животи“, рече Филипче.
Инаку, првично беше најавено дека од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза. Мерката задолжува редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Ваквите мерки поттикнаа разни дискусии и реакции во јавноста, а за утре од 19 часот е најавен и протест под името „Стоп за одземање слобода“, кој треба да започне од Собранието.
„Владата ги дискриминира луѓето со тоа што на вакцинираните им се дозволува пристап во јавни и приватни објекти, додека на невакцинираните ќе им бидат скратени дел од основните човекови права, подложни на притисок да се вакцинираат“, се вели меѓу другото во најавата за протестот.
Според организаторите, со новите мерки се скратуваат правото на слобода, слободно движење, приватност, слобода на мисла и мирно собирање.
Бојан Шашевски