Лидерите на Европската унија (ЕУ) се договорија да се издвојат осум милијарди евра за создавање нови работни места за младите лица.
Ова беше одлучено на првиот ден од Самитот на Европскиот совет во Брисел каде што челниците на Унијата, заедно со претседателот Херман ван Ромпуј и првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, се договорија фондовите од Иницијативата за младинско вработување да бидат обезбедени во јануари идната година.
Повеќето земји членки на ЕУ сметаат дека ваквата иницијативата ќе помогне во обезбедување работа, обука или школување на младите луѓе, во случај кога и четири месеци по завршувањето училиште не успеат да најдат работа.
„Вработувањето на младите лица е еден од нашите најголеми приоритети, заедно со зацврстување на банкарската унија и овозможување на економски раст“, појасни Ван Ромпуј.
Сепак критичарите велат дека ова нема да го реши проблемот, освен ако Иницијативата не биде дел од повеќе мерки, меѓу кои и реформата на пазарот на труд во Унијата, пренесуваат европските медиуми.
„Проблемот нема да се реши преку ноќ, но нема причина да се мисли дека ова е невозможна мисија”, додава Ван Ромпуј.
Според првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо по повеќе години криза и воведување на мерките за штедење, невработеноста стана најголем проблем во Унијата.
Според Еуростат, 5,6 милиони невработени млади луѓе во ЕУ се регистрирани како невработени во месец април, што значи дека просечно стапката на младинска невработеност изнесува 23 проценти. Во јужниот дел на европските земји како Грција и Шпанија, невработеноста кај младите изнесува 50 проценти.
Во меѓувреме, како што објави Б92, најголемата светска компанија за храна „Нестле“ најави дека во следните три години ќе помогне во Европа да се вработат повеќе од 20.000 луѓе на возраст под 30 години.
Со овааа иницијатива, „Нестле во Европа”, компанијата ќе понуди неколку илјади места за волонтирање и пракаса во 2016 година.
„Европските влади не можат сами да го решат проблемот на високата невработеност на младите во Европа, па тука компаниите мора да ја одиграат својата улога”, изјави извршниот потпретседател и директор на Нестле Европа, Лорен Фреј.