Во вторникот, 6 август, температурата на станицата Восток се искачи на минус 34,2 степени, што е највисока во историјата на редовните набљудувања, објави прес-службата на Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот, а пренесува Ал Џазира Балканс.
„Научниците од Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот ја забележаа максималната зимска температура во целата историја на редовни набљудувања на најстудената точка на Земјата, на станицата Восток во централниот дел на Антарктикот. На 6 август 2024 година, термометарот покажа минус 34,2 степени“, се наведува во извештајот на Институтот.
Ден подоцна, во средата, температурата на станицата Восток се спушти на минус 48,8 степени, се додава во соопштението.
Инаку, јули и август се најстудените месеци на Антарктикот. Просечната долгорочна температура во Восток во јули е минус 66,6 степени, додека во август е 67,6 степени под нулата.
Станицата Восток е единствената копнена руска станица на Антарктикот која работи во текот на целата година, а во јули 1983 година таму е забележана апсолутна минимална температура на планетата од минус 89,2 степени.