Забрана на пластичните кеси од 2021 – уште едно неисполнето ветување, реагираат активисти

Помина 1 јануари и цела година од прес-конференцијата на министерот за животна средина Насер Нуредини на која соопшти дека со нов Закон ќе се забранат пластичните кеси за пазарење и дека во промет ќе се пуштаат само биоразградливи кеси. Но, овој Закон се уште не е донесен, реагираат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

„Лесно е да се кажуваат празни зборови. Ги кажувате, добивате аплаузи и после се надевате дека луѓето ќе заборават што сте кажале. А ако им текне, тогаш наоѓате разни изговори зошто процедурата трае до недоглед, доцнењето не било ваша вина итн. итн“, стои во нивната реакција.

Тие потсетуваат дека уште од 2012 година овие кеси се забранети со закон (со член 8-а од важечкиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување).

„Исто така, она што не го кажуваат од ова Министерство, чија надлежност е да ја унапредува заштитата на животната средина, е дека токму тие, преку Правилникот за стандардите за биоразградливост од 2013 година, ја поткопаа законската забрана на пластичните кеси. И тоа на два начини. Прво, дозволувајќи, спротивно на законот, да се пуштаат во промет пластични кеси во многу сектори. Второ, протнувајќи ги пластичните кеси со додадени адитиви (т.н. оксоразградливи кеси) како биоразградливи“, се вели во реакцијата.

Од иницијативата бараат Министерството за животна средина, Владата и Собранието да го сведат на минимум дополнителното одолговлекување на донесувањето на новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. И во него, како што велат, стандардите за забрана на пластичните кеси да бидат зајакнати.

„Заштитата на околината и природата не е луксуз, туку нужен предуслов за квалитетен живот. Загадувањето со пластика е потценет, но реален проблем. Со забраната на пластичните кеси се дава само мал придонес во борбата против пластичното загадување и во борбата за заштита на околината во која живееме и на нашето здравје. Оттука, нема изговори за непримената на постоечката забрана на пластичните кеси и за одолговлекувањето на носењето на новиот закон“, стои во реакцијата.