Белорускиот најстар весник беше забранет на 115-годишнината од неговото основање, што е последен репресивен потег на владата кон медиумите во поранешната советската нација, пренесува агенцијата АП.
Весникот „Наша Нива“ е забранет како „екстремистички“ од Централниот окружен суд во Минкс, кој постапи по барање на Министерството за информации.
Пресудата ќе го изложи на затворска казна до седум години секој кој ќе објави или реобјавува материјали од „Наша Нива“.
Белоруските власти го блокираа онлајн весникот во јули и ги уапсија неговиот главен уредник Јахор Марцинович и новинарот Андреј Скурко, кои останаа во притвор.
Севкупно, 29 белоруски новинари се во притвор, ја отслужуваат својата казна или чекаат судење.
Повеќето други новинари на „Наша Нива“ ја напуштија земјата и продолжија да објавуваат весници на интернет, менувајќи го неговиот домен за да го заобиколат блокирањето.
„Властите продолжуваат да ги уништуваат независните медиуми во Белорусија, нарекувајќи ги сите екстремисти“, рече Андреј Бастунец, шеф на белоруското здружение на новинари. „Ситуацијата во Белорусија е полоша отколку во Куба или Иран и се приближува до стандардите на Северна Кореја“.
Тој истакна дека за „Наша Нива“ широко се пишува во школските учебници како дел од националното наследство, додавајќи дека не е јасно како белоруските власти ќе се справат со ситуацијата по ваквата забрана.
„Наша Нива“ опширно ги покриваше масовните антивладини протести што избувнаа минатата година откако на претседателот Александар Лукашенко му беше врачен шестиот мандат по претседателските избори во август 2020 година, кои беа осудени како наместени од опозицијата и од западот.
Белоруските власти одговорија со сеопфатна акција во која беа уапсени повеќе од 35.000 луѓе и илјадници претепани од полицијата.
Овој месец, тензиите се разгореа на границата на Белорусија со Полска поради приливот на мигранти. ЕУ ја обвини владата на Лукашенко дека го организирала миграцискиот бран на нејзиното источно крило како „хибриден напад“ како одмазда за санкциите на блокот врз Белорусија поради нејзиното задушување на демонстрантите.