Голем музички хепенинг вечерва ќе се одржи во Битола, под отворено небо, на Широк сокак со почеток во 21.00 часот. Култните „Забрањено пушење” и македонските реге предводници „Conquering Lion” најавуваат одлична забава за сите фанови на рок и реге звуците.
Сараевската рок легенда „Забрањено пушење” во Битола доаѓа непосредно пред нивниот настап на фестивалот Егзит во Србија. Настанот е дел од фестивалот „Битола Отворен град 2017” кој се одржува до 30 јуни во Битола, а кој синоќа започна со јавна дискусија во МКЦ Битола на тема „Како до квалитетна публика?“.
Програмата на фестивалот „Битола отворен град 2017” продолжува и утре (29 јуни) кога кај Саат кулата во Битола во 18.00 часот ќе се одржи работилница за модна илустрација, додека во 21.30 часот пред кафе барот „Instinct” ќе се одржи моден перформанс поддржан од ДЈ сет – повеќе нијанси на електронска музика и електричен развој со акцент на електроклеш. Се работи за авторски проект на мултимедијалниата артистка, модна дизајнерка и продуцентка Мелани Дигит.