Кинеската провинција Хенан им нареди на речиси 100 милиони жители да прават тест за коронавирус на секои два дена, додека земјата се бори со напливот на случаи на коронавирус, поточно на варијантата Омикрон, пренесува „Франс 24“.
Кина опстојува на својата политика за нулта-Ковид, наметнувајќи тешки карантини и ограничувања на движењето во неколку градови, дури и кога голем дел од светот премина на модели на живеење со вирусот.
Ограничувањата нанесоа голема економска штета на земјата. За да се избегне воведување карантин низ градовите, локалните самооуправи прават масовни тестирања за побрзо да ги откријат случаите и потенцијалнно да изолираат кластери без да им наредат на целото население да не ги напуштаат домовите.
Тестирањето ќе започне во главниот град на провинцијата Женгжу пред крајот на мај, велат властите, според извештајот за да помогнат во брзо „идентификување на потенцијални ризици“.
Жителите кои нема да ја почитуваат наредбата ќе имаат проблем со скенирањето на шифрите потребни за влез на јавни места, се додава во извештајот.
Слични мерки воведоа и други главни градови на провинциите како Шиџиажунг во северната провинција Хебеи, при што тамошните власти соопштија дека денеска ќе започнат со неделни тестирања за коронавирус за своите 11 милиони жители.
Аналитичарите предупредија дека честото масовно тестирање има висока цена за веќе влошената економија на земјата.