Амбасадата на САД во соработка со Црвениот крст на град Скопје во среда организира добротворна акција за дарување крв и храна во спомен на настаните од 11 септември 2001 година. Сите донации ќе бидат прифатени во Американската амбасада во периодот од 10.30 до 16 часот.
Акцијата има за цел да му помогне на Црвениот крст во надополнување на резервите со крв и формирање на поголема донаторска мрежа, како и во обезбедување храна и други неопходни работи за сиромашните семејства во текот на оваа зима.
Донаторите на крв мора да имаат помеѓу 18 и 65 години и да немаат дарувано крв во последните 4 месеци за жени, односно 3 месеци за мажи.
Во однос на прехранбените производи, од Црвениот крст препорачуваат тоа да бидат производи што не се расипуваат и што лесно се транспортираат. Во листата на препорачани донации влегуваат: ориз, грав, леќа, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за јадење, конзерви со грашок, боранија, мешан зеленчук, овошје или риба, бисквити, супи и слично.