За вторник (5 декември) од 20 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи Ретроспективна инклузивна танц претстава по повод 10 години од постоењето на танцовото студио Dancers United.
Организаторите велат дека присутните ќе имаат можност се уверат во сплотеноста, креативноста и поддршката на танчерите преку заеднички кореографии од јуниорските и младинските групи.
„Пред десет години, танцовото студио Dancers United ширум ги отвори вратите за лицата со попреченост, силно верувајќи дека секој заслужува шанса да танцува. Нашата верба, надеж, трпение и многу работа со поддршка на родителите, институциите, медиумите вродија со голем напредок во комплетната слика за лицата со попреченост на што сме навистина горди. Како почна нашата инклузивна група, кои беа нивните први чекори во танцот, нивната прва кореографија, како напредувавме и до каде стигнавме, каде сè настапувавме, се натпреваруваме, какви успеси постигнавме, како нашите танчери станаа посамоуверени и посвесни за своите способности и каква енергија споделувавме и добивавме ќе имате можност да видите на Ретроспективната инклузивна претстава“, велат од Dancers United.
Влезот на претставата е бесплатен, а настанот е дел од програмата на Министерството за култура на проекти од национален интерес.