По вчерашната објава на Извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО во која се регистрираат огромен број проблеми, недостатоци и пропусти во заштитата на Охридскиот регион како светско наследство, Премиерот Зоран Заев изјави дека забелешките го опфаќаат периодот до јануари 2020 година и дека од тогаш се преземени голем број активности по препораките.
„Владата на Република Северна Македонија останува цврсто посветена во јули кога ќе се дебатира овој извештај и кога ќе се донесе конечното мислење, да ги презентираме сите активности што од тогаш се преземени за природното и културното наследство на заштитеното подрачје на Охридскиот регион и одговорно тврдам дека централната власт направи многу“, истакна Заев во интервју за ТВ Клан Македонија.
Премиерот додава и дека Владата презема итни чекори за експертско и стручно кадровско екипирање на најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство и НП Галичица. Тој додава дека се прекинати и работите на регионалните патишта кои беа во спротивност со Планот, а променета е и рутата на железничката линија Кичево-Лин во Албанија, која претходно беше предвидено да поминува низ заштитеното подрачје.
„Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но после присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сеуште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, посочи Заев.
Во Извештајот на УНЕСКО, кој беше објавен вчера, се наведува дека Охридскиот регион ги исполнува условите да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.
Во заклучокот на мисијата стои дека уривањето на дивоградбите во регионот се одвива многу бавно, додека за мораториумот на градба констатираат дека бил така направен што оставал голем број исклучоци од забраната. Критики има и за дополнителната деградација на Студенчишко блато, недостатокот на студија за алтернативни траси за пругата на Коридорот 8, а се истакнува и тоа што бил повлечен законот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион.
„Според тоа напредокот во имплементирањето на одлуките на Комитетот за светско наследство остануваат премногу слаби и бавни поради недоволното сфаќање на вредностите на подрачјето од страна на сите страни, конфликтните визии и приоритети на локацијата од различните институции, агенции и локалната администрација, недоволната комуникација и координација меѓу централната администрација, нејзините регионални подрачни единици и локалната администрација, како и ниската вклученост на граѓанското општество. Ова резултирало со големи развојни и инфраструктурни проекти, често финансирани и поддржани од странски донатори, без соодветна евалуација на нивното влијание врз извонредната универзална вредност на подрачјето; несоодветните плански документи кои предизвикуваат закана и потенцијална опасност за подрачјето; а дополнително наштетува прекумерниот и постепен развој од нелегалните градби и активности“, стои во заклучокот на Мисијата на УНЕСКО.