Гасификација низ целата држава, електричен трамвај, тимови што реагираат на дневна основа, мерни уреди, сите граѓани да се вклучат во справувањето се дел од најавите на премиерот Зоран Заев за справување со аерозагадувањето, дадени на седницата за пратенички прашања.
Премиерот Заев објасни што презема Владата во делот на гасификацијата, а ја искритикува претходната Влада дека не направила ништо.
„Жалам што ова прашање се отвори во последните година две како потребни интензивни мерки за негово решавање. Минатата Влада можеше да инвестира стотици и стотици милиони евра токму во овој проект кој е еден од приоритетите на оваа Влада. Како опозиција тогаш укажувавме цело време колку е важна навременоста на гасификацијата, поради економската и енергетската вредност, но пред и над `се поради еколошката вредност што природниот гас ја носи. За жал, не беше направено ништо“, рече Заев.
Тој информираше дека Струмица и Куманово се гасифицирани, а процесот се реализира и во други градови.
„Гасификацијата денес се реализира, на 80 проценти од завршувањето на годината, со повеќе од 83 проценти во реализацијата на предвидените планови. Се работат двата главни коридора, коридорот Неготинo – Кавадарци и Прилеп – Битола и другиот, покрај Скопје, Tетово – Гостивар. Се извршуваат постапките за експропријација на Гостивар – Кичево. Сите општини добија налог, замолница, да ги работат главните проекти, така и градот Скопје за гасификацијата. Од поголемите градови, повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти, очекуваме да завршат општините од Градот Скопје, дел имаат завршено, Чаир, на пример, со конечна цел да се отвори дебата на готова проектна документација, кој е моделот што ќе се спроведе во Скопје и во другите градови“, рече премиерот Заев.
Очекува дека догодина ќе почне изградба на секундарни и терцијарни гасоводни системи во десетина поголеми градови. За Скопје, премиерот Заев најави електричен трамвај вреден 100 милиони евра.
„Сакаме како држава да влеземе во таков проект и заради јавниот превоз, да биде еколошки и економски за граѓаните и заради тоа што претставува конкретна мерка којашто ќе даде и тоа како голем придонес во севкупните напори на државата против загадувањето. Намерата на Владата е да повлече кредитна линија во 2020-та година, а постапката да ја почне уште сега, за да се заврши целата тендерска постапка во зимскиот период, за да може градот Скопје да влезе во имплементација и реализација на електричен трамвај на гуми “, најави премиерот Заев.
Според премиерот, загадувањето доаѓа од три главни извори: греењето, јавниот превоз и индустриските објекти, а вели дека работат на сите три полиња. Тој рече дека Министерството за здравство има определено буџетски средства за системите за греење во повеќе болници, меѓу кои и таа во Чаир, како и дека се работи за промена на целиот систем на котли и на греење, а дека ваква одлука од Владата има и за болницата во Куманово, за Затвор Скопје и за студентските домови.
„Имаме конкретни 15 милиони евра предвидени јавни државни пари за борба против загадениот воздух. Покрај редовната програма, секое министерство има определено и алоцирано средства, најмногу во Министерството за екологија, 618 милиони денари, или 10 милиони евра за инверторите. Постапката почнува во неколку општини, во Град Скопје, во Битола, Тетово, во Кичево, а согласно одлука на Влада се проширува и во Куманово и во други општини понатаму.
Целта е во партнерство со граѓаните да ги разубедиме, во лоцирани зони, каде да се заменат системите на фосилни горива, дрва, нафта мазут, со инвертори или клима уреди, во вкупна вредност од 1.000 евра, земајќи предвид дека има клима уреди по 270, 280 евра“ рече премиерот Заев.
Тој дополни дека инвестициите се насочени и кон обновливите извори на енергија: фотоволтаици и ветерници, за коишто дел од дозволите се издадени, а дел од системите се градат. Премиерот Заев соопшти и за ефективните мерки што стартуваат, за справување со загадувањето.
„Вчера, на консултативна седница на Владата, по иницијатива на министерот за екологија оформивме дополнително тимови да делуваме каде што можеме директно. МВР, сите инспекторати под контрола на Кабинетот на премиерот, на дневна основа ќе се вклучат за дополнително да придонесат во затворање на проблематиката: огнови на јавни места, палења шуми, дополнителни палења што предизвикуваат загадување. Седум советници од мојот Кабинет од вчера попладне работат на координација на сите инспекторати во државата, да се на терен заедно со МВР, што заменик претседателот на Владата го координира, министерот Оливер Спасовски заедно со инспекторатите , да делуваме каде што може да делуваме“ сооопшти премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, на седницата за пратенички прашања ги повика сите граѓани и институции да дадат придонес во справувањето со загадувањето.