Загадениот воздух ги завладеа градовите, високи концентрации на ПМ-10 во целата земја

Магла и лош, остар мирис во воздухот што ги дразни дишните патишта и тера на кашлање веќе е реалност во која живеат македонските граѓани. Високите концентрации на ПМ-10 и 2,5 честичките во воздухот се регистрирани и во извештајот за квалитетот на воздухот за изминатата недела кога мерните станици на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиентен воздух покажуваат надминување на среднодневната гранична вредност за ПМ-10 честичките од 50 микрограми на метар кубен на 17 мерни локации, од кои седум се во Скопје, две во Битола и по една во Берово, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Прилеп, Струмица, Тетово и Велес, пишува Мета.

Според табелите објавени на веб-страницата air.moepp.gov.mk на Министерството за жовотна средина и просторно планирање, мерењата покажуваат дека минатата недела најзагадено било во Струмица, каде во неделата биле регистрирани концентрации од 100 микрограми на кубен метар ПМ-10 честички, или двојно над максимално дозволените граници. Кичево било на втората позиција со над 70 микрограми на кубен метар. Загадувањето во овие два града, но и во скопско Лисиче било екстремно и изминатиот петок, кога вредностите на ПМ-10 на сите три места биле над 70 µg/m3. Во Центар, Битола и Тетово воздухот бил загаден над 60 µg/m3, а во Гази Баба, Гостивар, Велес, Кавадарци и Берово над 50 µg/m3.

Мерките кои навистина ќе дадат резултат во овој период од зимата, според екологистите, се многу ограничени. Според нив загадувањето на воздухот мора да се решава со среднорочни и долгорочни инвестиции, пред се во енергетиката, транспортот и новите технологии.

„Во моментов потребно е да се намали интензитетот на сообраќајот, како и на градежните активности, за да овозможиме намалување на концентрациите на ПМ 10. Зазеленувањето на градовите, исто така е многу важно, не само како активност за подобрување на квелитетот на воздухот, туку и генерално како создавање отпорност против климатските промени. Во ваква реалност на големо аерозагадување треба да се засадуваат развиени возрасни садници, зимзелени или листопадни со широки листови, а не млади, за кои не сме сигурни дали ќе преживеат и кои треба да ги чекаме три децении да се развијат“, вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Сепак, и покрај тоа што загадувањето на воздухот е евидентно и веќе влијае на здравјето и секојдневниот живот на граѓаните, мерки не можеме да очекуваме, а причината за тоа е што среднодневните вредности сè уште не ги надминуваат праговите на алармирање.

Според информациите од Министерството за животна средина деновиве кога беше регистрирано аерозагадувањето, прагот на информирање за ПМ-10 од два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на метар кубен, односно од два последователни дена со среднодневни концентрации над 150 микрограми на метар кубен, не бил надминат на ниту едно мерно место во државата. Ова, според екологистите ,не смее да биде причина за да не се зборува за аерозагадувањето и за мерките кои мора да се превземат.

„Можеби треба да се намали прагот на алармирање, па на тој начин да се актуелизира прашањето со аерозагадувањето веднаш штом концентрациите на ПМ-10 ги надминат максимално дозволените граници. За загадувањето постојано мора да се зборува, а граѓаните да бидат подготвени и самите да се заштитат, покрај тоа што надлежните се должни да го преземаат како мерки“, вели Станојевска-Пецуровска.

Екологистите веќе подолго време нудат повеќе решенија за намалување на аерозагадувањето, а една од нив е и широката мрежа на нискобуџетни мерни станици за следење на загадувањето на воздухот кои требаше да се постават во целиот град, на активистот Горјан Јовановски.

Според Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, спроведена на две постојани локации во Ново Лисиче и Карпош, чии резултати беа презентирани во март годинава, биомасата, односно греењето на дрва, е најзначаен извор на загадувањето на воздухот во Скопје во зимските месеци. Палењето огнови на отворено се причина за загаден воздух најмногу во пролет и лето, а сообраќајот, индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извори на загадување во текот на целата година. Минералната прашина, пак, која е последица на градежните работи, во Скопје е најприсутна во текот на летните месеци.

Мета.мк во повеќе наврати пишуваше и за Централната лабораторија за животна средина, која ниту зимава нема да биде подготвена да го следи квалитетот на воздухот што ќе го дишеме. Акредитацијата на Централната лабораторија за методи за воздух не е почната, иако минатата година се набави инструмент за мерења од стационарни извори. Засега само еден вработен е обучен за да ракува со него, а процесот на акредитација ќе мора да почека да се вработат уште двајца нови работници, а потоа и да се обучат да го користат.

Мета