„Последиците од депонијата и од отровот можат да се забележат во секое годишно време, особено во есен и пролет, кога дува силен ветер, носејќи арсен и по главните улици каде проаѓаат жителите. Присуството на арсен, се познава и по силната миризба на водата за пиење. Честопати сме ја праќале на анализи кои покажале дека е опасна за здравјето. Загрозени се и прехрамбените производи од поседите“.
Абедин Исмаили од општина Липково, е еден од неколкуте илјади жители од липковските села Лојане, Ваксинце и Табановце кои се загрижени за своето здравје, но и за здравјето на своите деца и внуци.
Тие и оваа 2024 година продолжија да живеат во средина загадена од депониите од рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“, кој престана да работи во 1979 година. Од тогаш, канцерогените материи од јаловиштето со арсен се оставени на отворено, незаштитени и продираат во водата и почвата. Најголема опасност доаѓа од 15.000 тони арсен сулфид, арсенски концентрат, па затоа „Лојане“ е сместена во листата на „жешки еколошки точки“, но уште е неисчистена.
Голем проблем е и што една од критичните локации натрупани со арсен се наоѓа на само стотина метри од училиштето „Рилиндја“, каде настава посетуваат околу 400 деца. Истражување на Радио МОФ покажа дека и водата од школото, исто како и од селскиот локален водовод, имаше концентрации на арсен над дозволените граници од 10 микрограми на литар, но засега ни тоа не го крена државниот аларм за трајно чистење на остатоците од „Лојане“.
„Локалните институции не сакаат ни да слушнат, додека централните институции играат пинг-понг со овој сериозен проблем“, посочи Исмаили за Радио МОФ.
Додека локалците од липковските села бараат спас за долгогодишниот проблем,„Лојане“ периодов го актуелизираа и здружени екологисти, откако побараа да се гарантираат еколошки параметри во Предлог – Стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување.
Меѓу другото, екологистите велат „НЕ“ за обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, како во Лојане, така и за Пробиштип, каде постои големо жариште од старото хидројаловиште од рудникот „Злетово“ – 12 милиони тони олово-цинкова јаловина. Ова е еквивалент на околу 6 милиони метри кубни преполни со тешки метали на стотини метри воздушна линија од градскиот пазар, во непосредна близина на бројни објекти, вклучително и куќи на жителите.
Затоа, бараат санација и рекултивација на старите рудници, за конечно да се решат наталожените еколошки проблеми.
„Не смее да се доведеме во ситуација да имаме нови јаловишта, опасен отпад како резултат на работа на нови рудници, што ќе го загрозува здравјето на граѓаните и ќе предизвикува континуирано загадување на животната средина со векови. Поучени од децениското несправување со овој проблем од некогашните активни рудници, не смееме да си дозволиме нови кои ќе резултираат со исти последици. Ние сме мала, населена земја, која не може да си го дозволи тоа“, вели за Радио МОФ Татјана Атанасовска Гроздановска од „02 Иницијатива“.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) сметаат дека справувањето со жешките точки и загадувањето што произлегува од нив е еден од важните еколошки предизвици со кои се соочуваме во последната деценија. Во рамки на различни проекти, велат оттаму, изготвени се бројни физибилити студии за определување на загадувањето и предлог алтернативи за нивно решение, вклучувајќи ги и депониите од „Лојане“ и „Злетово“.
„Подрачјето на поранешниот рудник ‘Лојане’ е идентификуван како еден од контаминираните индустриски подрачја и во Националниот план за управување со отпад во Република Северна Македонија 2021-2031, според кој треба да се преземаат мерки за ремедиација. Согласно физибилити студијата, најниска опција е покривање на депонијата, која е краткорочно решение. Долготрајното решение за ремедиација на контаминираните локалитети е секако отстранување на отпадот и одлагање во депонија за опасен отпад, опција која е предвидена и во фисибилити студијата. Меѓутоа, во Република Северна Македонија, моментално нема депонија за опасен отпад од ваков вид. Негово формирање бара низа на студии, бидејќи не е лесно да се определи точна локација, земајќи го предвид и искуството со формирањето на регионалните комунали депонии“, велат од МЖСПП за Радио МОФ, додавајќи дека активности како времено покривање и оградување, нема да го решат проблемот со загадувањето.
За концесиските работи
Радио МОФ, а потоа и останати медиуми, веќе пишуваа како државата преку концесионер сакаше да се справи во арсенот од „Лојане“, но, засега, тој процес се покажа како неуспешен. Тоа го покажуваат и снимките од терен, актуелни и денес.
Практично, изгубена е цела деценија за жителите од липковските села, ако се знае дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ доби концесија уште во 2014 година, но пред раскин на договорот таа успеа да исчисти и продаде само 60 од вкупно 15.000 тони од складираниот арсен сулфид. Истовремено, меѓу 2018 и 2021, времето кога и’ беше активна дозволата за експлоатација, годишно на државата и’ плаќаше само по 13.340 денари за концесиски простор, додека управителот Мерт Ајдин ветуваше справување со отпадот и потоа ремедијација на земјиштето.
Новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини сега бара нов концесионер. Повторно ќе се чека тој да го отстрани отпадот и да го одложи на друга локација надвор од Македонија.
„За ‘Лојане’, ве информираме дека е отпочната постапка за доделување на концесија за експлоатација на техногена минерална суровина и истата е во владина постапка за донесување на одлука за започнување на постапка, при што ќе следи објава на јавен повик за доделување на концесија на предметниот локалитет“, потврдуваат од министерството за Радио МОФ.
Јавната набавка е во соработка со Министерството за животна средина (МЖСПП). Доколку концесијата не може да се реализира, тогаш МЖСПП ќе ги разгледуваат опциите за трајно решавање преку донаторски фондови и дел домашно учество, како што е случајот со отпадот од ОХИС.
Во однос пак на стариот рудник „Злетово“, МЖСПП како решение споменува дека општината Пробиштип направила пренамена на земјиштето со која е предвидено да се постават фотоволтаични панели, што веќе се ветуваат со години, а пред тоа ќе се врши и рекултивација на депонијата. Истовремено, новото министерство за рударство се осврнува на Физибилити студијата за оправданост за доделување концесија, за да може да се даде зелено светло за експлоатација. И во овој случај работата останува на „ќе“.
„Ќе се започне постапка за прибирање мислења од надлежните органи, како и од општината на чија територија се наоѓа локалитетот, согласно Законот за минерални суровини. По прибирање на позитивни мислења, ќе се донесе Одлука за започнување постапка за доделување на концесија за експлоатација на техногена минерална суровина“, ни одговорија од новоформираното министерство.
Еко-активистите не гледаат дека ваквите пристапи вродуваат со плод. Особено со концесиските „натегања“ што знаат да бидат нефункционални и да траат долго. Затоа и на средбата со ресорната министерка Сања Божиновска побараа ефикасна контрола во сите фази на концесиите.
„Државата треба да вложи и да ги реши овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Не можеме до бесконечност да чекаме некој друг да го направи тоа, а во меѓувреме тешките метали од овие подрачја да ги трујат жителите со генерации. Премногу долго чекавме“, смета Атанасовска Гроздановска од „02 Иницијатива“.
Проблем со концесионерите за рударските отпади, гледа во тоа што се промениле условите на пазарот.
„Земјите од Азија кои претежно го увезуваа овој отпад, престанаа во таква форма и воведоа нови стандарди“, посочува таа.
Лилјана Поповска од Зелен институт објаснува дека чистењето на депонии од цврст отпад во затворени стари рудници може да се прави со просто физичко товарење и отстранување, или со концесија за експлоатација на минерални суровини, практично рудничко работење на отворен коп, затоа што, вели таа, во отпадот се’ уште има вредни минерални суровини.
„Во првиот случај, проблем е расејувањето на материјалот кој содржи тешки метали и ќе го контаминира поширокото подрачје, па тоа треба да се прави под некакви куполи. Во вториот случај, тешко е да се изнајде соодветна технологија која не би ја загадувала непосредната околина и водите. И во двата случаја, треба претходно да се изготви еколошка студија, па да се најде заинтересиран субјект кој би нашол економски интерес во оваа активност. Како ‘проблем’ на многу заинтересирани фирми од овој тип, се нашите закони за заштита на животната средина и цената на чинење на еколошки обезбедена операција. Сакаат да заработат без да вложат и без еколошка гаранција, просто кажано“, потенцира Поповска.
Што е со рекултивацијата и ремедијацијата на загадените површини?
Поповска потсетува дека обврската за концесионерот за рекултивација на земјиштето по завршувањето на рударењето стои, но, како што вели, без прецизна казна за неизвршување.
„Постои и обврска за државата да изработи Програма за рекултивација на стари рудници, ама во буџетот не сме виделе средства за оваа законска обврска“, забележува претставничката на Зелен институт.
Од МЖСПП велат дека во 2022 година се донесени измени на Законот за животна средина во делот на контаминирани подрачја, вклучувајќи го и планот за ремедијација. Исто така, од таму тврдат дека Владата и министерството превземааат обрски за ремедијација на напуштените жешки точки, и секоја година од Буџетот се одвојуваат финансиски средства за нивно решавање. Го споменуваат ОХИС и проектот што Владата и министерството го кофинансираат со речиси 3 милиони евра, но и трошоците за ремедијација на загадувањето во Јегуновце и платите на вработените во пречистителната станица.
Од друга страна, Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници, кој е правник-експерт од областа за екологијата, го отвора прашањето: зошто не се користи позитивната легислатива од 2022 година, за да има системски, наместо ад-хок решенија за контаминираните подрачја?
„Неспорно е дека државата одвојува некои средства, но дали загадените подрачја формално се идентификувани како контаминирани подрачја, согласно измените од Законот за животна средина, а врз основа на методологија и пропишани вредности на загадувачки супстанци? Исто така, дали средствата што ги издвојува државата се доволни и дали има посебни Планови за управување со тие контаминирани подрачја? Во тие Планови треба да се наведат сите активности кои треба да се преземат, начините, како и роковите, со цел да се намали негативното влијание. Се’ уште немаме информација дека тоа се применува во пракса. Особено поради тоа што во Службен весник се’ уште не е подготвен и објавен подзаконскиот акт кој треба да ја утврди точната содржина на овој План за управување со контаминирани подрачја“, потенцира Трпевски.
Во иднина, вели тој, доколку државата смета дека имаме рудни богатства што треба да ги екплоатираме, не треба да се запостави и процесот со контаминираните подрачја. Односно, треба да размислуваме за нарушувањата во животната средина кои настанале како резултат на нечија деловна активност – како да се вратат во првобитната состојба.
„Што ако некоја фирма, што има А-интегрирана дозвола, едноставно си замине, оди во стечај и нема средства да ги подмири своите обврски спрема доверителите? Кој ќе ја преземе одговорноста? Затоа што, во голем дел, и рудникот ‘Лојане’ престанал со работа, фирмата си отишла од државата и рудникот останал незаштитен, отворен, со повеќе негативни влијанија по средината и здравјето на луѓето. ‘Југохром’ исто, отишла во стечај… Да, потоа се направени некои договори, фирма што ја ќе управува пречистителната станица… Меѓутоа, повторно се поставува прашањето дали е тоа системско решение, или ад-хок? Треба подолгорочно да се размислуваат овие работи“, констатира Трпевски.
Бојан Шашевски и Ангела Петкова
Со овој текст, Радио МОФ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.