Во Централноафриканската Република, неидентификувани напаѓачи убиле тројца европски новинари така што поставиле заседа на нивното возило, објави градоначалникот на Сибут, Хенри Депеле.
Нивните колеги тврдат дека снимале филм за руски платеници во земјата. Локалната полиција вели дека можеби биле жртви на грабеж.
Портпаролот на претседателот на Централноафриканската Република, Алберт Јалоке Мокпеме соопштил дека војниците во близина на Сибут пронашле три тела со „европски изглед“, но не можеле да ја откријат нивната националност, ниту со што се занимавале.
Тројцата мажи се новинарот Орхан Џемал, режисерот Александар Расторгујев и снимателот Кирил Радченко. Роднините на мртвите за медиумите рекле дека ги идентификувале од фотографиите направени по нивната смрт.
Франс прес објави дека мажите биле нападнати кај блокада на пат 23 километри од централниот град Сибут, кој се наоѓа во една од најсиромашните и најнестабилни земји во светот, поделена помеѓу завојувани територии.