Неколку студенти во Загреб се пожалија на квалитетот на оброците кои ги купиле во мензата на Студентскиот центар во Сава.
„Со супа од печурки, сок и салата од компири, зедовме оброк што се нарекува пржено свинско месо. Тоа беше ладно, суво и жилаво и едноставно не можеше да се исече“, опишале студенти по новинарство и право, кои забележале дека со послужениот стек се „бореле“ уште неколку посетители на студентскиот ресторан.
Тие веднаш отишле на касата и побарале да разговараат со готвачот кој, како што тврдат тие, со насмевка им кажал дека се работи за подгреан оброк од претходниот ден.
„Тој ни кажа дека месото е од вчерашната вечера. Наводно, им останале пет стека и повторно ги послужиле денеска, односно ги подгреале. Во знак на извинување, ни понуди колачи“, објаснуваат студентите кои се згрозени и не им е јасно како може мрежа од студентски ресторани да си дозволи вакво нешто.
Од страв за своето, но и за здравјето на своите колеги, за случајот го известиле Министерството за здравство и службите на санитарната инспекција во Загреб.
Од Министерството за здравство соопштија дека нивната инспекција ќе излезе на терен и ќе ја провери безбедноста на оброците во мензата на Студентскиот центар. Тие додаваат дека квалитетот на месото и генералниот увид во храната се надлежности на Министерството за земјоделство.
Заменик-директорот за исхрана во Студентскиот центар, Мирко Бошњак, поради анонимна претставка од учениците, започна надзор на квалитетот и температурата на оброците во мензата. Тој ги повика студентите кои поднеле жалба, да се обратат кај него со цел да се вклучат во контролата на храната.