Програмата на годинашното 57. издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со понудата од музичкиот дел, со концерт на Загрепскиот пијано квинтет што ќе се одржи вечерва од 20:30 часот во „Света Софија“.
Уметниците Алина Губајдулина на виолина, Хрвое Филипс на виола, Никола Јовановиќ, на виолончело, Илин-Диме Димовски на контрабас и Федерико Ловато на пијано ќе изведуваат избрани дела за квинтет на Јозеф Лабор и на Херман Гец.
Виолинистката Алина Губајдулина е родена во Молдавија, а од 1998 година живее во Хрватска. Таа завршува музичко училиште во Сплит и дипломира на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Л. Сороков. Губајдулина е добитничка на повеќе награди и признанија, а како солист настапува со Загрепската филхармонија, со оркестарот на операта во Сплит, со Сплитскиот и со Хрватскиот камерен оркестар. Соработува со бројни ансамбли и оркестри во Хрватска и надвор од неа и настапува на значајни меѓународни фестивали.
Хрвое Филипс дипломира и магистрира во класата на Анте Живковиќ на Музичката академија во Загреб. Од 1997 година е соло-виолист на Хрватскиот национален театар во Загреб, а
настапува и со ансамблите Загрепски солисти и Загрепски квартет. Од 2004 година е соло-виолист на Симфонискиот оркестар на Хрватската РТВ.
Виолончелистот Никола Јовановиќ е роден во Белград каде го започнува музичкото образование и се запишува на Музичката академија. По успешниот приемен испит, студиите ги
продолжува на Високата школа за музика во германскиот град Детмолд во класата на познатата челистка Ксенија Јанковиќ каде и дипломира, а во 2015 година го завршува и
третиот и најсложениот степен на студии за концертен солист за кој добива највисоки оценки и почести. Во текот на школувањето и студиите тој е добитник на бројни награди и признанија, како и на стипендии кои му овозможуваат да се усовршува со некои од најпознатите солисти во светот како Гернигас, Гутман, Диндо и многу други.