Загревање со киберпанк журка за фестивалот за јапонска култура „Сакура“

„Киберпанк – техно-фобија“, во организација на Јапан@мк, ќе биде журка – рефлексија на времето во кое живееме, а ќе се одржи на 6 април во клубот „Фортрес“ во Старата скопска чаршија. Ова ќе биде првиот од промотивните настани со кои организаторите го најавуваат третиот по ред фестивал за јапонска култура кај нас, од годинава со ново име – „Сакура“, кој ќе се случи на 1 јуни во Младински културен центар.

„Забавата ќе биде тематска, со киберпанк атмосфера и декорации, анимации кои ќе одат во позадина. Сакаме да направиме целосна атмосфера“, вели Билјана Кочоска, основач на Јапан@мк.

Мрачните дистописки техно звуци ќе ги подготват Andreas.hz од Шелтер, petko.ov од ОВЦ колектив и koro.ozia, како и Филип Додевски – Cake.

Од организацијата ги повикуваат посетителите да бидат облечени во киберпанк стил, односно било каква „tech wear“ варијанта.

Средствата собрани од картите ќе бидат наменети за музичарите, како и за претстојниот фестивал „Сакура“.

Инаку, овогодишниот слоган на фестивалот гласи „Расцути ја иднината“ и фокусот ќе биде на јапонското учење за тоа како да ја почитуваме природата и да создадеме подобра иднина за сите, фрлајќи светло на нашата лична одговорност и ангажираност за тоа каква иднина ќе доживееме како заедница.