Загриженост за состојбата на новинарството во Македонија и плановите за повторно враќање на државното рекламирање во приватните медиуми изразија претставници на меѓународните новинарски и медиумски здруженија, кои денеска заедно со Здружението на новинарите на Македонија ги презентираа своите впечатоци од состаноците кои изминативе денови ги имаа со првите луѓе на сите клучни институции во земјава.
Алабана Шала од „Free Press Unlimited“ укажа на проблемот со неказнивост, кога станува збор на нападите кон медиумските работници, но и на проблемот со можната промена во законот кој се однесува на делот за државно рекламирање.
„Од премиерот и од министерот на МИОА беше кажано дека Владата размислува повторно да воведе државно рекламирање преку плаќање на таканаречени кампањи од јавен интерес во приватни медиуми. Ова нè загрижува поради најмалку четири причини: Нацрт-предлогот за повторно воведување не е во согласност со законодавството на ЕУ за државна помош, потоа е дискриминаторски за малите медиуми, државното рекламирање преку платени политички кампањи го зголемува ризикот од политичко мешање во медиумите и насочувањето на јавните средства на овој начин не би ја подобрило медиумската содржина“, рече Шала.
Рикардо Гутиерез, директорот на најголемата новинарска организација во Европа (ЕФЈ), ја истакна загриженоста за состојбата на новинарството во Македонија како и потребата од формирање на фонд за медиумски продукти како начин да се подобри медиумската содржина и да се промовира јавниот интерес.
„Сметаме дека новинарството Северна Македонија е во опасност: поларизација, недостаток на плурализам, мешање во уредништвото, лоши услови за работа, неодржливи медиумски компании… Добра практика во земјите на ЕУ за стимулирање на квалитетни вести и поразновидна содржина од јавен интерес е да се формираат јавни фондови за поддршка на медиумски плурализам (такви јавни фондови постојат во Австрија, Белгија, Хрватска, Данска, Финска, Франција, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска…). Сите приватни медиуми, медиуми во заедницата или непрофитни медиуми, вклучувајќи ги и локалните медиуми, треба да имаат шанса да имаат корист од ова јавно финансирање. Ова треба да ги подобри лошите работни стандарди со кои се соочуваат медиумските работници во земјата и да промовира квалитетни содржини, етичко новинарство и разновидност на уредувачката содржина. Јавниот фонд за медиумски плурализам не треба да биде креиран да ги зајакне медиумските тајкуни, туку да обезбеди независност и разновидност, и да му служи на јавниот интерес“, истакна Гутиерез.
Лоренс Хутинг од Европскиот центар за медиумски слободи (ЕЦПМФ) се задржа на инцидентите кога политичари на јавна сцена се обидуваат преку непримерен говор да ги дискредитираат новинарите.
„Со владините претставници разговаравме за итната потреба политичарите и носителите на јавни функции да се воздржат од изјави кои придонесуваат за непријателска клима за и кон новинарите. Позитивно е што нашите соговорници ја потврдија важноста од создавање погодна средина за плуралистички, слободен печат кој може да известува во интерес на јавноста, без страв и без наклонетост. Сепак, ние сме разочарани од недостатокот на посветеност за конкретни активности што ќе доведат до подобрувања. Генерално, ваквото однесување на политичарите ја поткопува довербата во медиумите и им укажува на другите дека новинарите се оправдана цел за вознемирување на социјалните медиуми, за стратешки тужби против учеството на јавноста или за уште полошо“, изјави Хутинг.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека е задоволен што со поддршка на странските партнери се отвора дебата со Владата за формирање на фонд за плурализам за сите медиуми како и согласност за подобрување на транспарентноста на владините институции преку обележување на соопштенијата, видеата и фотографиите со водени жигови. Само вака јавноста ќе прави разлика помеѓу новинарски производи и владина комуникација. Освен ова, интензивирани се напорите за реформите во јавниот сервис како и во медиумскиот регулатор, но и за подобрување на статусот на локалните дописници.
Работните средби беа реализирани во рамки на „Fact Finding“ мисијата чија цел подобро разбирање на медиумската ситуација во земјата и безбедноста на новинарите. Од ЗНМ велат дека во наредниот период ќе биде објавен и детален извештај со препораки за подобрување на состојбата со правата на медиумските работници и медиумите во Македонија.