Загрижени за тековната состојба со загадениот воздух во Скопје за која велат дека нема да се реши набрзо, како и за веќе нарушениот имунитет и лежење болен со месеци, Драган Димковиќ и Димитар Ставрески отпочнаа иницијативата за формирање еко заедница некаде на 15-20 километри од Скопје.
„Заедница втемелена на екоцентричност, братство и слога; во природа, до шума, до река, со бавча; далеку од скопскиот отровен воздух, а сепак доволно блиску за културни настани и социјализација по желба“, велат дечките.
Имале досега веќе две средби и се собрале околу 25 заинтересирани луѓе што би се вклучиле.
„Наредно е формирање на работна група со конкретни акциски точки, сумаризација на сите идеи и активно разгледување на идеално место за купување плац или куќи во близина на Скопје и отпочнување на заедницата“, посочуваат тие.
Не заминуваат, ниту се откажуваат од борбата и визијата за едно поубаво општество.
„Ова е само мала грижа за себе, надвор од скопскиот смог-канцер од изгорени честички на европско ѓубре во зима, Сахара во лето, неплански бетонски чудовишта што ствараат депресија, анксиозност и осаменост од примораноста да сум затворен во 4 ѕида 10 од 12 месеци од годината ради горенаведените точки. Млад, наивен и полн ентузијазам едвај чекав да се преселам во Скопје, сега едвај чекам да се отселам… Живот…“, стои во јавното соопштение.
Доколку на некој му фаќа око идејата за некој баланс помеѓу цивилизацијата и природата, може да ги заследи и да се информира повеќе на Инстаграм @ekozaednica.skopje, или преку Фејсбук-групата Еко заедница – Скопје.
„Да се најдеме кои сме, да здружиме сили и да направиме една прекрасна заедница. За нас и за луѓето што допрва ќе се будат од капиталистичкиот сон“, стои во јавната објава.