Со Закон за младинско учество и младински политики (Закон за млади) ќе се уредува како младите ќе можат да се организираат за да бидат застапени пред институциите, и заедно со нив да креираат политики. Предлог-текстот периодов минува низ дебата, широка работна група со пратеници и организации, а за него тече консулатација со млади низ земјата, како онлајн, така и теренски.
Блажен Малески, претседателот на Национален младински совет на Македонија (НМСМ), вели дека моменталната старосна рамка предвидeна во предлог-текстот е меѓу 15 – 29 години.
„Се водевме од примери од европско ниво, од ЕУ кадешто ги класифицира младите од 15 до 29 години. Тоа значи дека тангира средношколци, но и луѓе-вработени. Најпрвин во законот ќе ги признаеме нештата што веќе постојат, а тоа се младинските форми на организирање, без разлика дали станува збор за политички подмладок, организација водена од млади, или организација која работи за млади (последните две се различни, во првата треба да се 2/3 млади, а втората програмски е определена кон млади н.з.). Тие си имаат посебно место во законот“, вели Малески.
На долг рок, нагласува тој, замислата е да се здружуваат и да го претставуваат гласот на младите на повисоко, национално ниво. Во случајот преку две тела – Претставничко и Советодавно.
„Практично гледано, тоа значи дека доколку се носи нова Стратегија за мерки за вработување, таа Стратегија би била дополнувала од Советодавното тело, каде девет претставници избрани од Претставничкото тело седат заедно со осум претставници од извршната власт, од институции што регулираат аспект од животот на младите“, објаснува Малески.
Околу сервисите, Малески потенцира дека законот предвидува секоја државна институција да има еден младински службеник назначен како појдовна точка за активностите на младите.
„На општинско ниво тоа би можело да бидат информации за тениски и ракометни терени, какви мерки се предвидени за млади, па се до повисоко ниво – во МОН информации за тоа како се аплицира за стипендии. Исто така, предвидуваме канцеларија на локално ниво. Тука би биле сместени сите информации потребни за младите луѓе. Предвидуваме и младински центри оформени во соработка со младинските организации или самостојно од општината. Но, во суштина, треба да имаме младински работници, за прв пат дефинирани во законот, за да работат на личен развој за младите“, вели Малески.
Стефан Андоновски од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека како партиски подмладок многу им е важно да ги претставуваат младите во политичките партии. На тој начин, вели тој, голема група на млади организирани во партии конечно ќе можат да бидат претставени во институциите, да кажат нешто без други претставници.
Околу предизвиците за законот, Андоновски го спомена факторот време.
„Жалосно е што, на пример, 2011 година немавме закон, па сега да работевме на негово подобрување, измени, да ги споредиме состојбите на младите во десет години. Можеби дел од решенија во голема мера се поклопуваат со тој и овој закон, но факторот време ќе биде еден од предизвиците. Да не потрошиме премногу време на детално регулирање на прашањата, а потоа да задоцниме во имплементацијата во пракса, па да изгубиме уште една генерација што нема да се чувстува прифатена од институциите од системот“, нагласи Андоновски.
Вториот аспект, за Андоновски е да не се создаде тело кое ќе биде „левијатан“ во младинското здружување.
„Напротив, да се поттикнат младите да се организираат на начин на кој тие сакаат. А сепак, независно од организацијата – нивниот глас да биде слушнат“, констатира Андоновски.
Според пратеничката Ивана Туфегџиќ, дел од работната група за предлог-законот за млади, еден од предизвиците би бил и како младите да се мотивираат да се здружуваат.
„Има и предизвик од друг тип – институциите да се привикнат да има службеник за млади, па внатре да подучите дека мора да соработуваат и работат со нив. Тоа Советодавно тело веројатно ќе им прави ‘мака’ на институциите, затоа што ќе треба да се советуваат со младински преставници, па тие ќе им враќаат одредени политики, нема да се согласуваат со нив… Ќе биде предизвик, но најважно е што постои политички консензус“, нагласи таа.
Околу финансискиот аспект, периодов се споменуваше 1% од државниот буџет да се издвојува за млади, како барање внатре во работната група.
„Ако ги соберете буџетите од МОН, Министерство за труд и социјала, за активни мерки за вработување, дел младинска гаранција и делот за млади од Агенција за млади и спорт… сепак имаше барање за 1%. Дали на крајот ќе биде 1% или точни фискални импликации колку овој закон ќе чини, тоа се уште е предмет на расправа во работната група, во координација со експерти за финансии. Важно ни е во законот да има точни финансии, бидејќи законот ќе бара средства и за Стратегијата, сервисите…“, констатира Туфегџиќ.
Бојан Шашевски