Интернет порталите нема да бидат дел од Законите за медиуми и за аудио-визуелни медиумски услуги кои се во собраниска процедура и електронските публикации ќе се бришат од предлог законите.
Ова го најавија денеска министерот за информатичко општество, Иво Ивановски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на заедничка прес конференција, која беше големо изненадување за поголемиот дел од новинарите и медиумската заедница.
Иако ЗНМ постигнала договор со Владата за само три прашања, и голем дел од забелешките на здружението не се прифатени, сепак министерот Ивановски најави носење на законите за медиуми.
„Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права“, рече Ивановски.
Селмани истакна дека ЗНМ и Владата се договориле за три прашања, а не се договориле за голем број прашања, кои тие сметаат дека се битни.
„Добро е што интернет порталите се тргнаа од Законот бидејќи веруваме дека тој простор треба да биде слободен кој можеби е единствен простор во медиумскиот етер каде се уште има плурализам на идеи и ставови. Од тој аспект тоа е многу позитивна одлука на Владата и сакаме да ја поздравиме. Се согласивме дека Владата не треба да се меша во начинот како новинарите се организираат, а тоа значи дека ЗНМ ќе предложи член во Агенцијата за медиуми“, рече Селмани.
Според него, сепак постојат повеќе прашања за кои постои несогласување.
„За сите останати прашања тргнувајќи од владините реклами, финансирањето на домашното производство, на играна и документарна програма, казните, дефиницијата новинар, поставеноста на Агенцијата, состојбата со МРТВ, остануваат разликите. Владата има право да ги донесе тие закони, но ние не сносиме никаква одговорност за последиците од усвојувањето или од немањето решение за овој дел од прашањата кои сметаме дека се многу битни“, истакна Селмани.
Министерот Ивановски пак, смета дека Законите за медиуми треба да се донесат веднаш, а за забелешките за кои се усогласиле со ЗНМ, амандмански Владата по предлог на Министерството за информатичко општество и администрација да интервенира во што е можно пократок период.
„Во однос на останатите делови од двата закони согласноста останува дека за печатените медиуми само неколку одредби ќе важат и тоа за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини, за јавност при работењето…Сите останати одредби кои се однесуваат на печатените медиуми, а Агенцијата за медиуми имаше супервизија ќе се избришат амандмански“, рече Ивановски.
По заедничката прес конференција на ЗНМ и Владата, на социјалните мрежи се појавија повеќе коментари и статуси од новинари и претставници на повеќе медиумски организации кои велат дека не биле воопшто информирани за ваквиот став на ЗНМ и се шокирани од начинот на кој ЗНМ постапува.
Порталот НОВА ТВ, објави изјава на член на Управниот Одбор на ЗНМ кој барал да остане анонимен, кој вели дека морало да има заедничка прес конференција со Владата, бидејќи имало „притисоци од странците“.
„Имаше притисоци од странците, на телефон се јави дури и амбасадор од една моќна држава и така некако дојде до оваа конференција. И ние сме исплашени дека сето ова може да е вовед во уште една игранка и седнување на маса со владата после се што се случи“, вели членот на УО на ЗНМ за порталот Нова тв.