Законодавството на Европската Унија ќе стане покомплицирано откако парламентарните избори понудија измешан сооднос на идеологии на целиот континент, пренесува Гардијан.
Во тек е пребројувањето на гласовите од изборите за Европскиот Парламент кои се одржаа од 6 до 9 јуни во 27 држави-членки на Европската Унија и на нив треба да бидат избрани 720 пратеници, односно 15 пратеници повеќе од претходно поради приспособување на демографските промени во неколку земји-членки.
Досега се избројани гласовите од 12 земји и најмногу места, односно 186 има Европската народна партија (EPP), веднаш по него со 135 места е Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (S&D), трета со 79 места е партијата Обнови ја Европа (Renew Europe), додека пак Европските конзервативци и реформисти досега имаат 73 седишта во Парламентот. Дополнително, Партијата Идентитет и демократија (ID) засега има 58 места, Зелените-Европска слободна алијанса (Greens/EFA) има 53, Не-впишани (NA) има 45 места, а партијата Левица во Европскиот парламент засега има 36 места. Уште 55 места се на други партии.
Како што беше предвидено, партиите од популистичката десница остварија огромни придобивки во многу земји како Франција, Германија и Австрија, додека левичарските партии остварија изненадувачки придобивки во други.
Можеби најизненадувачки одговор на порастот на поддршката за популистичките партии даде претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој распиша предвремени парламентарни избори по катастрофалниот пораз од екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен кој освои околу 32% од француските гласови, односно двојно повеќе (15%) од сојузниците на Макрон.
„Ја слушнав вашата порака и нема да дозволам да помине без одговор. На Франција ѝ треба јасно мнозинство во спокојство и хармонија“, изјави Макрон, додавајќи дека не може да поднесе оставка за напредокот на екстремната десница „секаде на континентот“.
Тој го објави распуштањето на парламентот и извести дека двата круга на гласање ќе се одржат на 30 јуни и 7 јули, неколку недели пред Олимпијадата во Париз.
Во Австрија конечните резултати покажаа дека екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (FPÖ) е прва со 25,7% од гласовите, а веднаш потоа е владејачката конзервативна Народна партија (ÖVP) на австрискиот канцелар Карл Нехамер со 24,7% и социјалдемократите (SPÖ) со 23,2%.
Белгијците ги поделија своите гласови на екстремната десница Вламс Беланг (VB), либералната партија Движење реформатор (RM) од француско говорно подрачје и националистичката Нова фламанска алијанса (N-VA) и сите собраа приближно 13% од гласовите.
Данска забележа изненадувачки пораст на поддршката за Социјалистичката народна партија (SF), која стана најголема партија со 17,4% од гласовите, а владејачките социјалдемократи освоија 15,6% од гласовите.
Во Германија, исто така, владината коалиција на канцеларот Олаф Шолц од левиот центар загуби од конзервативната опозиција (CDU/CSU) која ја задржа својата позиција како најсилна германска партија во Брисел со повеќе од 30% од гласовите. По ова, со 15 места во Парламентот, односно 15,9% од гласовите е популистичката партија Алтернатива за Германија (AfD), а Социјалдемократската партија (SPD) има 14 места со 13.9% од гласовите.
Понатаму, партијата Фидес (Fidesz–KDNP) на унгарскиот премиер Виктор Орбан доби најмногу гласови, 44,6% и 11 места во Парламентот, но нејзиниот настап беше најлош во изминатите години. Петер Маѓар, кој ги прекина односите со партијата на Орбан во февруари, успеа да ја изгради најсилната опозициска партија Почит и слобода (TISZA) во Унгарија за неколку месеци и освои 29.7% од гласовите.
Тврдодесничарската партија Браќа на Италија на премиерката Џорџија Мелони освои најмногу гласови во оваа земја, односно 28,8% од гласовите и со тоа 24 пратенички места. Додека пак, Демократската партија (PD) има 20 места во Парламентот со 24,1% од гласовите.
Во Холандија, сојузот Лево-зелени (GroenLinks–PvdA) предводен од поранешниот потпретседател на Комисијата на ЕУ, Франс Тимерманс, имаше 21,6% од гласовите и со тоа освои 9 пратенички места, а екстремната десничарска Партија на слободата (PVV) освои 6 седишта со 17,7% гласови.
Поранешниот лидер на ЕУ и полски премиер, Доналд Туск, тесно ја победи опозициската партија Право и правда со 21 пратеничко место со 37,1% од гласовите наспроти 20 места или 36,2%.
Во Шпанија, досега, победува конзервативната Народна партија (PP) со 34,2% од гласовите и со тоа има обезбедено 22 седишта во Европскиот Парламент, а веднаш по неа со 30,2% од гласовите е Шпанската социјалистичка работничка партија.
Инаку, Парламентот е единствената институција во Европската Унија која е директно избрана од гласачите, додека Европската комисија за составот бара одобрение од европратениците, а Советот го сочинуваат национални министри назначени од нивните соодветни влади.