Со 336 гласови „за“, 300 гласови „против“ и 13 воздржани попладнево Европскиот парламент го усвои законот за обнова на природата што беше дочекано со аплауз од прогресивните европратеници.
Оваа регулатива воспоставува обврзувачки ограничувања во седум полиња на активности – подобрување на биодиверзитетот на големи површини, инсекти опрашувачи, шумските екосистеми, урбаните екосистеми, земјоделските екосистеми, водните екосистеми и речната поврзаност. Целта е да се обноват екосистемите, природните живеалишта и разните видови низ територијата на Европската Унија за најмалку 20% до 2030 година.
„Законот е добар и за оние кои гласаа против него. Сакам посебно да им се заблагодарам на научниците и на младите, бидејќи тие не убедија дека овој закон ни е потребен“, изјави социјалистичкиот европратеник Цезар Луена, кој беше поднесувач на иницијативата.
Европратениците ќе можат да влезат во преговори со ЕУ членките, кои веќе имаат донесено заедничка позиција по предлогот, за подетално да се договорат целите. Следната фаза на преговорите, чиј успех е далеку од извесен, се очекува да предизвика нови поделби и отпор по долгиот период на контроверзии околу законот.
Предлогот на законот првично беше презентиран во Европската комисија во јуни 2022 година, а доби дополнителна важност по постигањето на историскиот договор за биодиверзитет на КОП15 во декември.
Сепак, последниве месеци законот стана мета на жестока опозициска кампања од десничарските партии, особено од Европската народна партија (ЕПП), кои се најзастапени во Европарламентот.
Од ЕПП сметаа дека законот, во сегашната форма, ќе претставува закана за традиционалните практики на европските земјоделци и рибари и дека ќе ги наруши воспоставените синџири на достава, ќе го намали производството на храна, дека ќе ги подигне цените за потрошувачите, па дури и дека ќе треба да се бришат урбани места за да се направи простор за зеленило.
Дека овие тврдења не се точни спореа левичарските групи, Европската Комисија, десетици невладини организации, илјадници климатски научници, индустријата на обновлива енергија, па дури и претставници на големите компании како ИКЕА, Х&M, Унилевер, Ибердрола, Нестле и Данон. Сите тие тврдеа дека обновата на природата е целосно компатибилна со човечката активност и дека е неопходна да се задржи одржливоста на европската почва.
При гласањето во Европскиот парламент дури 21 пратеник од ЕПП одбиле да гласаат според официјалниот став на нивната партија и го поддржаа законот.
„Мојата совест не ми дава да гласам против овој закон. Мораме да го заштитиме биодиверзитетот. Потребен ни е овој закон за да ги заштитиме нашите граѓани, нашите компании и, пред се`, идните генерации“, рече ирскиот европратеник Франсес Фитцџералд, кој иако дел од ЕПП, гласаше за законот.