Дипломираните студенти семејнолози на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје и понатаму не можат да се вработат во јавните установи за социјална заштита, пишува Мета.мк.
За разлика од нивните колеги – психолози, педагози, логопеди и воспитувачи, профилот семејнолог отсуствува во Законот за социјална заштита каде што се предвидени категориите на работни места на вработените во државните институции. Факултетот произведува кадар кој е оспорен од државата, а студентите губат време и финансии за да изучуваат нешто кое, на крај, нема каде во земјава да го применат – е сликата која го исцртува случајот на семејнолозите.
Институтот за семејни студии на Филозофскиот факултет беше формиран во 2014 година, а студиската програма по семејни студии е прва од ваков тип на Балканот. Меѓутоа, и покрај охрабрувачкиот опис на студиите и визијата на професорите-формирачи според примерот на факултетите во Европа, САД, Канада и Австралија, осум години подоцна, студентите што дипломираат на оваа високообразовна установа во земјава сè уште не можат да се вработат во јавните установи за социјална заштита. Надежите што им биле дадени на првиот академски час дека нивната професија нуди многу можности за работа и напредок, реалноста ги руши.
Центри за социјална работа, предбрачни и брачни советувалишта, здравствени институции, домови за деца без родители и штитеници, матична служба – се само дел од институциите кои имаат реална потреба од семејнолози, но отсуството на овој профил од законот ги остава службите без ваков кадар.
Законот ги предвидува, но им оневозможува да се работат
Професорката Македонка Радуловиќ од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), за Мета.мк вели дека проблемот на дипломираните семејнолози потекнува од Законот за социјална заштита.
Во него, зборот „семејнолог“ се спомнува само еднаш – во членот 194 каде семејнолозите се наведени како стручни работници заедно со останатите профили. Меѓутоа, тие не се вклучени во членот 197, каде што се уредува статусот за профилите што можат да бидат вработени во државните институции според други закони.
Овој член утврдува неколку категории работни места, па меѓу останатите, ги предвидува и социјалните работници, психолозите, педагозите, правниците, дефектолозите, логопедите, но не и семејнолозите.
„Со ваквата формулација на членот 197 од законот, пропуштен е профилот семејнолог во категориите на работни места на вработените во јавните установи за социјална заштита, врз основа на кој може да се издаде шифра за вработување. Со други зборови, семејнолозите не можат да се јават на конкурси за вршење на стручни работи во установи за социјална работа“, појаснува професорката Радуловиќ.
Изминативе години Филозофскиот факултет и Институтот за семејни студии во неколку наврати се обраќале до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) , Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Тие одржале и повеќе средби со поранешни и актуелни министри и високи претставници од овие министерства.
„Топката постојано се префрла од едни на други, меѓутоа главниот проблем е потребата од промена на Законот за социјална заштита и додавање на семејнолозите во членот 197. На нашата последна средба министерката Тренчевска ни даде надеж со тоа што се согласи дека студентите се дискриминирани и обесправени, дека потребата за ваков кадар низ целиот систем за социјална заштита е голем и дека таа ќе преземе сè што треба за овој проблем да се реши“, вели Радуловиќ.
Меѓутоа, од ветувањето на министерката Јованка Тренчевска до денес поминале десет месеци, а проблемот на студентите и дипломираните семејнолози и понатаму тапка во место, без никаква иницијатива или најава за надминување.
Студентите самоиницијативно поднеле и петиција до МТСП, како и до Народниот правобранител кој подоцна пресудил во корист на студентите и поднел барање до Министерството за труд и социјала да се реши проблемот, а семејнолозите да бидат додадени во спорниот член 197.
Во дописот што Народниот правобранител го испратил до Филозофскиот факултет по поднесената претставка стои дека оваа институција побарала објаснување од страна на Министерството за труд и социјална политика, од каде во доставениот одговор само ги констатирале наводите во барањето, без притоа да наведат дали ќе бидат преземени дејствија во насока на надминување на состојбата.
Народниот правобранител и до Владата на Република Северна Македонија поднел иницијатива за измена на Законот за социјална заштита, од каде добиле одговор дека Владата ќе ја има предвид иницијативата. По ова, Народниот правобранител ја запрел постапката по претставката на студентите-семејнолози затоа што биле „исцрпени сите законски можности што му стојат на располагање согласно законските надлежности“.
„И тоа не вроди со плод. Ние како Институт и Филозофскиот факултет секојдневно се соочуваме со незадоволството на студентите и нивните родители“, вели професорката Радуловиќ.
Молк од Министерството за труд и социјална политика
Од Мета.мк се обратиле и до Министерството за труд и социјална политика со прашања за тоа кој е нивниот став околу предизвикот со кој се соочуваат семејнолозите и што прави министерството во насока на надминување на проблемот.
Меѓутоа, од медиумот пишуваат дека надлежното министерство ги цитирало членовите 194 и 197 од Законот за социјална заштита, односно го констатираше она што Мета.мк го упати како прашање.
„Согласно цитираните одредби, лицата со стекнато звање дипломиран по родова проблематика и семејнолог не можат да се јават на конкурси за вршење на стручни работи во установите за социјална работа, но можат да бидат предвидени како лица за вршење на работи за давање на социјални услуги кај други даватели во системот на социјалната заштита“, стои во одговорот од Министерството за труд и социјална политика.
Мета.мк во уште неколку наврати контактирала и со службата за односи со јавност на ова министерство барајќи директни одговори за тоа што всушност прави МТСП за решавање на проблемот, но тие не доставиле одговор.
Студентите губат време и финансии
Во меѓувреме, дипломираните студенти на Институтот за семејни студии велат дека пред запишување на факултет воопшто не ни помислиле дека по дипломирањето ќе бидат оспорени во сопствената држава.
Елена Михајловска раскажува како со голема надеж почнала да ја изучува струката, за да на крај наиде на затворени врати во институциите.
„Семејнологијата е наука која е широко распространета насекаде низ европските држави. Кога слушнав дека изучувањето е достапно и кај нас со голема надеж се запишав на Институтот за семејни студии. Никогаш не помислив дека еден ден ќе бидам соочена со потешкотии при вработување и дека воопшто мојот профил нема да биде признаен од која било државна институција. Секоја врата на којашто тропнавме ни е затворена“, вели дипломираната Михајловска.
Осум години по ред студенти се запишуваат на студиската програма по семејни студии и го губат своето време и финансии, додава Михајловска, за на крај да не можат да заработат за парче леб.
„Сите надлежни институции каде што се обративме си ја префрлаат топката меѓусебно, давајќи ни лажна надеж дека и за нас има место и работа во оваа држава“, вели Михајловска.
И Марија Петровска, која исто така е дипломиран семејнолог, се надева дека институциите во земјава ќе седнат на заедничка маса за да го решат проблемот на семејнолозите.
„Како дел од првата генерација студенти на семејни студии пред запишување на факултет воопшто не помислив дека државен универзитет може да произведува научен кадар кој ќе биде оспоруван во сопствената држава. Мојата молба до државата, институциите и сите надлежни министерства е конечно меѓусебно да се сослушаат“, вели Петровска.
За студентите на Институтот за семејни студии е предвидена практична настава во институции, како што се: основни и средни училишта, специјализирани училишта, градинки и центри за социјална заштита. Сепак, и покрај тоа што имаат пракса, по завршувањето на студиите дипломираните семејнолози нема каде да го применат наученото и да придонесат во општеството само затоа што ги спречува законот.
Судбина на семејнолозите ја делат уште едни нивни колеги од Филозофскиот факултет – стручњаците по родова проблематика, кои исто така не се предвидени како кадри во установите за социјална заштита.