Ретроактивната исплата на заостанатите стипендии која требаше да заврши до крајот на октомври, ќе започне најдоцна до 15 декември, а средствата за студентски оброк наместо на дневно, од следниот семестар студентите ќе го добиваат на неделно ниво.
Ова го соопшти Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) по одржаната средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Оттаму информираат дека покрај за овие барања на студентите се разговарало и за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ кој е во лоша состојба и „Кузман Јосифовски – Питу“ кој веќе две години не е отворен за студентите.
„За Стив реконструкцијата ќе започне најдоцна до јануари, а за Кузман чекаме официјален одговор на барањето. Покрај тоа, да има зголемен број на контроли во делот на квалитетот и набавката на храната која се приготвува и служи во домовите“, информираат од УСС и додаваат дека следната недела ќе остварат посети на домовите.
На средбата со министерот студентите се договориле во комисијата за распределба на студенти во домовите да има и членови на Универзитетското собрание.
УСС пред средбата доставило барање за зголемување на правата на студентите на втор и трет циклус на студии во однос на стипендии, оброк, јавен превоз.
„Студентите што студираат надвор од местото на живеење ќе добијат ваучери за превоз“, се вели во соопштението.
Последната точка за која се разговарало на средбата е формирање на канал за комуникација меѓу тим студентски претставници од УСС и претставници од МОН, со цел како што наведуваат, олеснета комуникација меѓу студентите и институцијата.
Средбата меѓу УСС и МОН се одржа со поддршка на Студентарија.мк.
Ангела Бошкоска