Општинската зграда во францускиот град Бордо беше запалена на протестите кои се одржуваат низ целата земја против подигање на старосната граница за пензионирање.
Се` уште не е познато кој е одговорен за пожарот кој во брз период беше изгасен од пожарникарите.
Повеќе од милион луѓе демонстрираа вчера, а околу 120 илјади граѓани излегоа на улиците во Париз. Полицијата во главниот град употребила солзавец за растурање на собирот, а 80 луѓе биле приведени низ Франција.
„Не се согласувам со оваа реформа и уште повеќе не се согласувам со фактот дека демократијата повеќе не значи ништо. Ние не сме претставени, па затоа ни е преку глава“, изјавил еден од демонстрантите за Ројтерс.
Граѓанскиот револт исто така го наруши железничкиот превоз, нафтените рафинерии, а наставниците и вработените во аеродромот „Шарл Де Гол“ ги напуштија своите работни места во израз на протест.
Затворени беа и популарните туристички атракции, како Ајфеловата кула или Палатата Версај.
„Демонстрирањето и изразувањето незадоволство е право. Но, насилството и деградацијата на која сведочевме денеска е неприфатливо. Благодарна сум на полицијата и мобилизираните итни служби“, напиша на Твитер француската премиерка, Елизабет Борн.
Протестите се разгореа откако претседателот Емануел Макрон реши да го заобиколи Парламентот и да ја подигне границата за пензионирање од 62 на 64 години.
Синдикатите повикаа на нови протести следниот вторник.