Во археолошкиот локалитет Стоби започна 13 издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, кој ќе трае до 26 јули.
Фестивалот беше отворен со претставата „Војникот Фалбаџија“ на Турскиот театар од Скопје. Оваа претстава заедно со уште две од Македонија и една од Казахстан или вкупно четири претстави годинава ќе се натпреваруваат за една од наградите на фестивалот: гран при за најдобра претстава, награда за најдобра режија и награда за најдобра женска и машка улога. Во чест на наградените велешкиот театра на 26 јули ќе ја изведе претставата „Крал Лир“.
Претставата „Војникот Фалбаџија“ од Тит Мак Плаут во режија на Лука Кортини, Турскиот театар од Скопје премиерно ја изведе во април годинава. Во претставата која се изведува со титл на македонски јазик настапуваат актерите: Осман Али, Јеткин Сезаир, Селпин Керим, Салаетин Билал, Билјана Јовановска, Аксел Мехмети и други. Драматургијата е на Викторија Рангелова, сценографијата и костимите на Наташа Андонова, а музиката на „Фолтин“.
На 21-ти јули со две изведби во 20:00 и 22:00 часот ќе се одигра претставата „Федра“ во продукција на Независна продукција, од Македонија. Два дена подоцна на 21-ви јули ќе настапи Театар Комедија исто така од Македонија со претставата „Многу врева за ништо“, а која премиерно беше изведена деновиве.
Единствената странска претстава е „Медеа“ на Казахтанскиот театар за танц и музика „Ајгул Иманбаева“. Нивниот настап е закажан за 25-ти јули со што завршува официјалниот натпреварувачки дел на 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
За сите заинтересирани љубители организаторот обезбеди бесплатен превоз од центарот на Велес, а влезниците се популарно 50 денари. Организиаторот Здружението на античка драма „Стоби“ кое фестивалот го организира под покрвителство на Општина Велес, најави и публика од соседните градови: Кавадарци, Неготино, Скопје и Гевгелија.