Со свечено отворање во присуство на голем број претставници од техничките факултети, компаниите и натпреварувачи, започна инженерскиот натпревар ЕВЕС во организација на БЕСТ Скопје.
Натпреварите ќе траат следните два дена и тоа во категориите Case Study и Team Design. Најдобрите два тима ќе освојат учество на регионалниот инженерски натпревар во Ниш, каде ќе се натпреваруваат со студенти од целиот Балкан и ќе се борат за место во финалето, кое ќе се одржи во Рига.
Во рамките на овој настан се планираат и форумската расправа на тема „Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува” . Идејата е преку дискусија, студентите, претставници од компаниите и професорите да ги споделат своите мислења и да дебатираат на актуелна тема која ги засега современото образование и бизнис.
Активностите се одржуваат во просториите на Seavus едукативниот и развоен центар, информираат од БЕСТ.
БЕСТ- Борд на Европски студенти по технологија е не профитна и не политичка организација која на студентите им дава можност да го да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Организацијата исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници и водење на интернационален центар за кариера.