Со изложба на фотографии посветени на проблемите во општината, како и со работилница на која посетителите испишуваа пораки на маици: „Сакам незагадено Тетово“, „Го сакам Тетово“ и слично, синоќа, во изложбениот салон „Лоја“, во Тетово, започна младинската локална кампања „Тетово – еден град за сите“.
Преку изложбата на фотографии од млади фотографи-аматери и работилницата за испишување промотивни пораки, младите активисти, сакаат да им порачаат на граѓаните на Тетово, без разлика на нивната етничка припадност, дека овој град им припаѓа подеднакво на сите и дека сите делат заеднички проблеми кои треба што побрзо да се решат. Според младите, Тетово се соочува со големи проблеми во водоснабдувањето и квалитетот на водата, со сообраќајниот метеж, со нечистотијата и ѓубрето, со лошата состојба на улиците, со многу незгрижени кучиња скитници и др.
Кампањата „Тетово-еден град за сите“, ќе трае до 15 октомври, кога ќе биде промовиран и репортажен филм за проблемите на Тетово, насловен:„До кога?“, а изработен од младинскиот медиа-арт клуб. Промоцијата ќе биде придружена со дебата на темите опфатени во филмот.
Оваа младинска локалната кампања дел од проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум, на национално ниво.
Еве ги изложените фотографии на младите тетовски фотографи:
Created with Admarket’s flickrSLiDR.